Забава
Во Шпанија се одржа светски познатиот фестивал „Ла томатина“
Со влезница од 15 евра, илјадници луѓе синоќа се собраа во шпанското гратче Буњол на традиционалниот фестивал „Ла томатина“, каде што улиците беа преплавени со тони презрели домати. Фестивалот традиционално се одржува последната среда од август.
Неговите почетоци датираат од 1945 година, а фестивалот со текот на годините прераснува во годишна традиција. Благодарение на големото медиумско внимание, фестивалот во 1980-тите најпрво прераснува во национален, а потоа и во светски познат настан. Учесниците меѓусебно се гаѓаат со тони презрели домати, по што улиците остануваат прекриени со згмечени домати и доматен сок, а зградите во центарот на градот се заштитени со церади.
Годинава се очекувало присуство на повеќе од 20.000 учесници, а според податоците на шпанската новинска агенција ЕФЕ, во последните три години околу 40 отсто од посетителите биле странски туристи, особено од Индија по премиерата на боливудскиот филм „Се живее само еднаш“ („Zindagi Na Milegi Dobara“) од 2011 година, чие дејствие се одвива за време на фестивалот.
На фестивалот доматот мора да биде згмечен пред да се фрли, со цел да се намали ризикот од повреди, но и покрај тоа, многу учесници носат очила за пливање и чепчиња за уши за дополнителна заштита. По еден час, истрел од топ означува крај на фестивалот, по што учесниците можат да се измијат под јавните тушеви, додека пак градските служби започнуваат со чистење на улиците.
Слични фестивали инспирирани од „Ла томатина“, се организираат и на Флорида, Лондон, Амстердам, колумбискиот град Сутамарчан, како и во индискиот град Хајдерабад.
август 27, 2026
