Connect with us

Живот

„S301“, најбрзата позната ѕвезда во Млечниот Пат би можела да открие дали ротира црната дупка во центарот на нашата галаксија

Откриена „S301“, најбрзата позната ѕвезда во Млечниот Пат која со неверојатна брзина орбитира околу супермасивната црна дупка во центарот на нашата галаксија. Со ова сознание научниците би можеле подетално да ги проучуваат црните дупки и попрецизно да ја утврдат нивната ротација.

„S301“ е најблиската ѕвезда во центарот на Млечниот Пат, до супермасивната црна дупка „Стрелец А“. Со своето најблиско приближување таа е на растојание од црната дупка приближно со растојанието меѓу Сонцето и Сатурн. Според научниците, станува збор за досега невидена орбита на ѕвезда околу супермасивна црна дупка.

– Она што е посебно кај оваа ѕвезда е тоа што орбитира околу „Стрелец А“ по многу тесна орбита, за која ѝ се потребни само 8,7 години. Таа се приближува до црната дупка на растојание кое е само 12 пати поголемо од растојанието меѓу Земјата и Сонцето, што е апсолутно невидено, објасни Феликс Манг, докторанд на Институтот „Макс Планк“ за вонземска физика во Германија.

Меѓу другото, екстремната близина на „S301“ до „Стрелец А“ би можела да им овозможи на научниците да добијат досега неоткриени податоци, благодарение на нејзиното движење низ исклучително силното гравитациско поле на црната дупка.

„За првпат би можеле навистина директно да го измериме спинот на масивната црна дупка, објасни д-р Стефан Гилесен, виш научник во Институтот „Макс Планк“ за вонземска физика.

Последното следење на ѕвездата било во 2017 година. Сега особено внимание ќе биде посветено на нејзиното следно најблиско приближување до „Стрелец А“, кое се очекува во 2031 година, со кое астрономите ќе имаат можност повторно детално да го набљудуваат нејзиното движење, како и да направат споредба со досегашните податоци.

По ова „S301“ би можела да стане еден од најважните природни објекти за проучување на црните дупки.