Економија
Буџетскиот совет на Собранието ги усвои стратешкиот план за 2027 – 2031 година и буџетот за 2027 година
Стратешкиот план на Собранието за 2027-2031 година се темели на сите потреби на Собранието и службата, како и активностите што треба да придонесат за натамошно унапредување на законодавната, надзорната и претставничката функција на Собранието, а планот ги задржува шесте функционални цели-функционално, отворено, дигитално, безбедно собрание, парламентарна дипломатија и една новина е додавањето на интеграцијата во ЕУ и ефикасна служба, истакна генералниот секретар на Собранието, Марина Димовска, при образложувањето на овој документ пред членовите на Буџетскиот совет, со кој претседаваше пратеникот Антонијо Милошоски.
Најмногу расправа на денешната седница предизвика Предлог – одлука за давање на финансиска согласност на Годишниот план за вработување во Службата на Собранието за 2027 година. Реагираше пратеникот од СДСМ, Фатмир Битиќи, кој побара заголемување на бројот на вработените во Секторот за превод, бидејќи често пати се доцнело со преводите на документите заради немање технички капацитети и недоволно кадри.
Според генералниот секретар Димовска, било предвидено унапредување на службениците кои работат во Секторот за превод, како и нови вработувања.
Битиќи не беше задоволен од образложението и притоа побара да се знае точната бројка од потребата на службеници за превод и дали се размислува за некој нов модел кој ќе им помогне на преведувачите побрзо и полесно да си ја извршуваат својата работа.
Предлог- одлука за давање на финансиска согласност на Годишниот план за вработување во Службата на Собранието за 2027 година беше усвоена со пет гласови за и со еден воздржан.
Буџетскиот совет го усвои буџет на Собранието на Република Северна Македонија за 2027 година, кој ќе тежи 1.220.532.000 денари и ќе биде дополнет со донации во износ од 12.873.000 денари, е целосно во функција на Собранието. Со него се опфатени и новите 15 вработувања за идната година и унапредувањата на вработените.
август 26, 2026
