Вести
Сиљановска-Давкова за помилувањето на Шефије Јакупи: Заслужува староста да ја доживее на слобода
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова смета дека 71-годишната Шефије Јакупи од кичевското село Зајас, која 17,5 години поминала во затвор за убиство на сопругот, заслужува остатокот од животот да го помине на слобода.
Одговарајќи на новинарски прашања по денешната посета на НУ „Струшки вечери на поезијата“, претседателката го образложи своето решение за помилување на Јакупи во траење од една и пол година.
Сиљановска-Давкова посочи дека при одлуката се водела од препораките на ГРЕКО и на Советот на Европа, според кои осудените лица имаат право последните години од животот или длабоката старост да ја доживеат на слобода.
Таа нагласи дека, иако во пресудата се наведува дека станува збор за сурово убиство, случајот мора да се разгледува и во контекст на долгогодишното насилство на кое, како што рече, Јакупи била изложена.
– Многупати го прочитав делото дека се работи за сурово убиство, но веројатно јавноста знае дека таа жена била подложена на продолжено кривично дело фемицид подолго од 35 години. Затоа мислев дека јас како жена морам да имам разбирање за еден живот што од утро до вечер бил исполнет со насилство. Се разбира јас сум сега претседателка, имам можност за помилување и мислев дека навистина ова жена, особа, мајка, сиот живот тероризирана сопруга, заслужува на слобода, како што самата изјавила, дека многу би сакала крајот на животот или староста да ја доживее на слобода, дека го заслужува тоа- изјави Сиљановска-Давкова.
Според неа, се работело за личност која е најдолго во затворот.
– Таа е човечко суштество, отслужила многу, а мислам дека од мене заслужува разбирање. Мислам дека секоја друга жена на моето место, како претседателка би го сторила истото- подвлече Сиљановска-Давкова.
Предлогот за помилување, како што појасни претседателката, пристигнал од Министерството за правда и бил предложен од Комисијата за помилување.
,,Фокус” пред четири години ја посети Шефије во женскиот затвор во ,,Идризово”. Тогаш не испрати со молба некој да ја слушне нејзината приказна, да и се смилува и да ја пушти порано, бидејќи како што велеше не сака да умре во затворот. Според објавеното, животната приказна на оваа старица е тажна и мрачна, од која на моменти се заледува крвта.
Кога имала 18 години ја омажиле со стројници за 24-годишниот Абаз. Идните животни сопатници за првпат се виделе на венчавката, а набргу потоа заминале да живеат во Германија. Но, наместо да го живеат германскиот сон, нивната судбина најмногу наликува на сценарио за филм, и тоа хорор.
По 34-години брак, Шефије, едно утро ја зела секирата и го убила сопругот. Откако се уверила дека веќе не дише, го искасапила, поточно го исекла на парчиња со електричен сечач за леб. Поголемиот дел од остатоците од телото ги спакувала во црна вреќа, која ја фрлила во контејнер. Поситните делови од телото, пак, ги фрлила во веце-шолја. Телото на Абаз никогаш не било најдено, бидејќи завршило во дробалката на камионот за ѓубре. Сведоштво за страшниот чин биле само остатоците што ја затнале канализацијата, во зградата во германскиот град Дизелдорф.
По убиството, жената се вратила во Кичево, а полицијата ја најде во психијатриската болница во Демир Хисар.Кога во 2008 година, јавноста дозна за ова грозоморно убиство, Шефије беше нарекувана монструм, касапка…
-Ме тепаше, пиеше, одеше по швалерки… Дури четирипати лежев во болница откако ќе ме претепаше. Трпев, трпев со години, но еден ден веќе не можев, ја почнала приказната Шефије.
Таа како денес се сеќавала на кобниот ден кога со свои раце му го одзела животот на својот маж. Според пресудата, таа го убила Абаз додека спиел, но таа негира.
-Беше 18 декември 2007 година. Станав утрото, а тој не ми даваше корка леб. Ме заклучи во собата од 8 до 14.30 часот. Ме тепаше, а во еден момент додека се туркавме , со секира ме исече на раката. Некако успеав да му ја земам секирата и ја забодев во него, објаснуваше нашата соговорничка.
Без воздржаност, таа раскажа и дека по убиството го искасапила телото, деловите ги собрала во црна вреќа и ги фрлила во контејнер. Додека, пак, крвта и ситните остатоци ги собрала и ги фрлила во веце-шолјата.
-Бев целата во крв, салата го направив, рече Шефије, правејќи движење со раката, како при сечкање.
На прашањето што чувствувала во тој момент одговорила дека чувствувала олеснување, ослободување…
„Работата беше дојдена до таму што повеќе не можев да го гледам, гласот не можев повеќе да му го слушам“.
Како што посочила, оттогаш, иако е зад решетки, живее без страв.
-Како бебе спијам, без страв, изјавила таа.
По извршеното злосторство и сокривањето на трагите, таа се вратила во Кичево. На 3 јануари, нејзината сосетка, без да знае што сторила, ја однела во психијатриската болница во која се лекувала и претходно, односно била сместена и во 2004 година, со параноидно депресивни симптоми.Потоа, следувало судењето, за кое осуденичката вели дека ништо не разбрала. Тогаш речиси воопшто не го разбирала македонскиот јазик, а како што вели, од помош не ѝ бил ниту преводот на албански.
Од Управата на затворот тогаш рекле дека нејзините барања за помилување досега биле одбивани, а, иако има право на слободен викенд, таа не излегувала, бидејќи немала каде да оди. Во куќата во Кичево со години не влегол човек, а немало ниту струја и вода. Децата, двете ќерки и син, пак, ѝ живеат во Германија, а една од ретките посети ја имала во 2019 година.
август 13, 2026
