Connect with us

Свет

Гренланд го запира нафтениот проект на Трамп

Властите на Гренланд принудија американска нафтена компанија поврзана со Доналд Трамп да го одложи планираното дупчење на арктичката територија. Со тоа, тие директно се спротивставија на најавите на претставникот на Трамп, кој тврдеше дека екстракцијата на сурова нафта би можела да започне веќе следната година, пишува „Гардијан“.

Тензиите на источниот брег на Гренланд се зголемуваат во контекст на најавите на Трамп за преземање на територијата. Во јули, компанијата донесе опрема за дупчење на брегот без дозвола, што предизвика „строго предупредување“ од локалната самоуправа.

Само една недела пред компанијата „Гренланд Енерџи“ да започне со дупчење владата објави дека проектот се запира. „Неопходната регулаторна постапка не може да се заврши и затоа не можат да се добијат потребните одобренија пред планираниот почеток на дупчењето“, се наведува во официјалното соопштение за медиумите.

За време на преговорите, гренландските власти изразија загриженост бидејќи веруваат дека предвидениот временски рок е премногу краток за спроведување на проценка на квалитетот на влијанието врз животната средина и општеството. Владата и компанијата потврдија дека, доколку биде одобрено, дупчењето би можело да започне најрано во зимата 2027 година.

Овој развој на настаните е во спротивност со најавите дадени во мај од Џеф Ландри, гувернерот на Луизијана и претставник на Трамп во Гренланд. Ландри, кој припаѓа на радикалната десница, по посетата изјави дека нафтата од Гренланд би можела да ја ублажи енергетската криза што се појави по нападот на САД врз Иран.

Ландри, чија јавно изјавена цел е „Гренланд да го направи дел од САД“, рече: „Би можеле да почнеме да ги произведуваме тие барели за околу десет месеци“. Роберт Прајс, извршен директор на Гренланд Енерџи, тврди дека под оддалечениот регион Џејмсон Ленд има нафта во вредност од билион долари, наведува весникот.