Connect with us

Вести

Муцунски: Мора да има одговорност за ширење паника и дезинформации од страна на опозицијата

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, во гостувањето во „Тема на денот“ на Сител ТВ се осврна на, како што рече, ширењето лажни вести и дезинформации од страна на СДС.

„Ова е лоша траекторија по која се движи најголемата опозициска партија. Седум години го уништуваа системот и ја поткопуваа довербата на граѓаните во институциите, а сега, кога се обидуваме да изградиме стабилен систем, преку лажни вести и дезинформации се создава паника“, истакна Муцунски.

Тој нагласи дека мора да постои одговорност за ширењето лажни вести и предизвикувањето паника, потсетувајќи дека во изминатиот период опозицијата, според него, повеќепати создавала хистерија со тврдења дека нема да има плати и пензии, дека ќе има мигранти и дека надворешната политика не функционира.

„Наша обврска како политичари е да наоѓаме решенија за проблемите. Кога сме на власт, да ги решаваме, а кога сме во опозиција, да критикуваме конструктивно и тогаш кога критиката е основана. Мора јасно да ја разграничиме критиката од лагата и ширењето хистерија“, порача Муцунски.

Во тој контекст, тој посочи дека е потребен политички консензус за клучните прашања, но и одговорност кога со дезинформации се нарушува довербата во институциите.

„Треба да има одговорност за сите што шират паника и максимални казни доколку се докаже таквото постапување. Само така државата ќе функционира. Тоа не е обврска само на извршната власт, туку и на функционално и ефикасно правосудство кое треба да обезбедува правда“, нагласи Муцунски, додавајќи дека „преку ширење хистерија и лажни вести се губи довербата во системот“.

Осврнувајќи се и на тврдењата за наводни тајни разговори поврзани со надворешната политика, Муцунски категорично ги отфрли ваквите наводи.

„Тајни разговори или ‘разговори под радарот’ нема. Никогаш не сум кажал такво нешто и тоа лесно може да се провери“, истакна Муцунски.

Говорејќи за евроинтегративниот процес, тој оцени дека решението што го прифати претходната Влада е неприфатливо и дека неговата примена може да создаде дополнителна криза во процесот на европска интеграција.

„Нашата држава го промени своето име, а друг таков пример во Европа нема. Најмалку што заслужуваме е да бидеме оценувани и вреднувани врз основа на европските вредности и критериуми. Не смееме да дозволиме патот кон Европската Унија да нè обезличи како држава и како народ“, нагласи Муцунски.

Тој порача дека обврска на Владата е да продолжи да бара решение што ќе овозможи напредок кон Европската Унија, но притоа ќе ги заштити државните и националните интереси.

„На нас е да бараме решение – решение што ќе биде достоинствено и одржливо“, заклучи Муцунски.