Вести
Директорот на Алсат телевизија, Лирим Хајредини, пронајден починат во близина на Мавровка
Оперативниот директор на телевизијата „Алсат“, Лирим Хајредини, утрово бил пронајден починат пред зграда на булеварот „Крсте Мисирков“, во близина на трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје, пренесе МИА.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека околу 9.25 часот било пријавено дека пред зграда на булеварот има лице со повреди. Полициски службеници од Полициската станица Бит Пазар излегле на местото и утврдиле дека станува збор за 38-годишниот Л.Х. од Скопје.
Смртта ја констатирал лекар од Итната медицинска помош.
За случајот е известен јавен обвинител, а на местото во тек е увид под негово раководство. Полицијата го обезбедила местото на настанот, додека телото ќе биде предадено на обдукција, со која треба да се утврдат причината и околностите за смртта.
Хајредини повеќе од 16 години беше оперативен директор на националната телевизија „Алсат“. Пред да се приклучи на телевизијата, работел и во Македонскиот центар за меѓународна соработка.
август 13, 2026
