Connect with us

Свет

Загубите во земјоделството во ЕУ поради климатските промени може да достигнат 40 милијарди евра годишно

Годишните загуби во земјоделскиот сектор на Европската Унија поради климатските промени до 2050 година би можеле да достигнат 40 милијарди евра, објави „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на извештај на осигурителната компанија „Хауден“, изработен за Европската инвестициска банка.

Според истражувачите, во сегашното климатско сценарио загубите би се зголемиле од сегашните околу 28 милијарди на повеќе од 40 милијарди евра годишно, додека во екстремни услови би можеле да надминат и 90 милијарди евра.

Исклучително високите температури, особено во Западна Европа, со сушите што ги придружуваат, веќе ги принудуваат европските земјоделци да ги менуваат методите и работното време, објавува весникот.

Промените на климата ги принудуваат земјоделците да преминат на ноќно собирање на родот, да ги покриваат нивите со мрежи за засенчување, да ги ладат складиштата и да се откажуваат од повеќедецениски воспоставените рокови за сеидба.

Сепак, ниту тие мерки не ги поштедуваат земјоделците од сериозни загуби. Според француското Министерство за земјоделство, се очекува производството на пченка да се намали за 35 отсто во однос на минатата година, на девет милиони тони, поради негативното влијание на топлотниот бран и сушата врз вегетацискиот период.

Според „Колдирети“, најголемиот земјоделски синдикат во Италија, производството на млеко во некои фарми е намалено за 20 проценти.

Во францускиот регион Нова Аквитанија, температурите над 40 степени Целзиусови кон крајот на јуни довеле до масовно угинување на свињи и живина, и покрај засилената вентилација, прскањето со вода и промените во начинот на исхрана.