Connect with us

Скопје

Ѓорѓиевски: Мега парк од 50.000 метри квадратни во Бутел – од запуштен простор до ново зелено срце на општината

Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски денеска информира дека во општина Бутел интензивно се работи на новиот мега парк, кој се простира на површина од 50.000 метри квадратни.

-Она што со години беше депонија и симбол на негрижа, денес го претвораме во огромен, модерен и функционален мега парк на површина од 50.000 метри квадратни. Со Дарко Костовски дадовме збор дека ова место повеќе нема да биде заборавено. Денес, покажуваме што значи кога има визија, волја и вистинска грижа за градот – објави Ѓорѓиевски на Фејсбук.

Тој информира дека долж булеварот „Христијан Тодоровски – Карпош“ интензивно се гради новата зелена приказна на Бутел.

Првиот дел, на површина од 8.000 м², како што нагласи, е речиси целосно завршен и опфаќа богати зелени површини, плоштад, детски катчиња, пешачки патеки, фитнес зони и содржини за сите генерации.

-Простор за децата, за младите, семејствата и пензионерите. Простор за секој граѓанин – нагласи Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека паралелно се работи и на вториот, значително поголем дел од паркот, на површина од 42.000 метри квадратни, кој целосно ќе биде хортикултурно и содржински уреден.

Целиот комплекс, додаде Ѓорѓиевски, ќе располага и со сопствен систем за наводнување со техничка вода, со што обезбедуваме долгорочно и одржливо одржување на зеленилото.

-Повеќе зеленило значи почист воздух, помалку урбана жештина, поздрава животна средина и поквалитетен живот. Затоа, секое ново дрво, секоја нова зелена површина и секој нов парк се инвестиција во здравјето и иднината на Скопје. Вложуваме рамномерно, во секоја општина и во секое маало, затоа што секој граѓанин заслужува чист, уреден и достоинствен простор за живот. Бутел добива ново зелено срце. Скопје добива уште едно место за гордост – нагласи скопскиот градоначалник.