Connect with us

Општини

Ќура: Струга го живее врвот на летната туристичка сезона

Струга го живее врвот на летната туристичка сезона, а градот деновиве е исполнет со домашни и странски туристи, иселеници и посетители кои, на брегот на Охридското Езеро, покрај во бистрите езерски води и природните убавини уживаат и во богатата културна, спортска и забавна програма, оцени градоначалникот Менди Ќура.

Според него, годинашната летна туристичката сезона е една од најдинамичните досега, истакнувајќи дека големиот број манифестации значително придонесуваат за зголемената посетеност на градот.

– Горди сме што ова лето, повеќе од кога било, нашиот град е исполнет со културни, спортски и уметнички настани кои обединија илјадници граѓани, иселеници и посетители. Само во текот на оваа туристичка сезона организиравме 24 настани и повеќе од 30 дена летна програма, која продолжува и во наредните денови, изјави Ќура.

Тој смета дека токму разновидната понуда за сечиј вкус, заедно со природните убавини на Струга, придонесува градот да биде една од најпосетените туристички дестинации во земјата во текот на летото.

Развојот на Струга, подвлече градоначалникот, не се темели исклучиво на инфраструктурни инвестиции, туку и на вложувања во културата, уметноста и јавниот живот.

– Ова лето покажа дека промените не се градат само со патишта, тротоари и големи инфраструктурни проекти. Промените се градат и со дух, со уметност, со култура и со живот во секој дел од градот. Тоа е нашата визија за Струга – град кој се развива, но истовремено живее и дише со својата култура, изјави Ќура.