Општини
Јанчев: Продолжува акцијата за гаснење на пожарот кај село Раец
Од шест часот утрово продолжи координираната акција за гаснење на пожарот кај селото Раец, соопшти кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев преку Фејсбук. Тој информираше дека на терен се екипи што дејствуваат на потегот Дреново – Ќесендре и Раец – Дреново – Ќесендре.
– Во акцијата се ангажирани екипи од ЈП „Комуналец“, ТППЕ – Кавадарци, ТППЕ – Неготино, Дирекцијата за заштита и спасување, ОВР – Кавадарци и ЈП „Национални шуми“. На располагање се ставени булдожер, цистерни за вода, скипови, шумарски камион, како и околу 20 автомобили и теренски возила унимог, пинцгауер џипови и други возила неопходни за интервенцијата – се додава во објавата.
Јанчев сподели дека на терен активно дејствуваат 45 лица – пожарникари, полициски службеници, вработени од надлежните институции и оператори на механизацијата. Како што нагласи градоначалникот, сите биле опремени со целосна заштитна и противпожарна опрема.
– Целта на денешната акција е целосно локализирање и гаснење на пожарот. Благодарност до сите кои со пожртвуваност и професионалност се вклучени во оваа тешка и одговорна задача – додаде Јанчев.
август 4, 2026
