Connect with us

Општини

За ниската откупна цена и за проблемите во оризопроизводството ќе се бараат долгорочни решенија, најави Серафимовски

 Долгорочно решение за ниските цени и за проблемите со откупот на оризот најави денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски, кој беше во посета на Хидросистемот „Злетовица“ во Пробиштип.

Серафимовски истакна дека утринава имал разговори со откупувачите на ориз, а претходно имаше средба со оризопроизводителите, на која му се презентирани проблемите со ниската откупна цена на оризовата арпа и вишокот на оризот, кој стои во амбарите. 

– На оваа проблематика пристапивме десетина дена порано уште со мојата прва посета во Чешиново со оризопроизводителите, каде што ги согледавме сите ситуации што ги имаат како проблеми, предизвици и други работи во тековниот период. Во моментот имаме резерви ориз и оризова арпа, кои стојат и кај производителите и кај откупувачите, но главниот момент е цената што треба да биде предмет на договор помеѓу едните и другите – изјави Серафимовски. 

Тој истакна дека откупот на оризовата арпа продолжува, а цената во моментот се движи од 18 до 25 денари за килограм, во зависност од квалитетот.

Министерот Серафимовски вели дека ќе се работи на конкретни мерки за следната реколта, за проблемите со откупот и цената да не се повторуваат секоја година. 

– Во моментот имаме продолжување на откупот на оризовата арпа, 18 денари е минималната цена што ја откупуваат, но, сепак, во согласност со квалитетот на оризовата арпа, таа се движи и 20 до 25 денари, информација што утрово ја добив од откупувачите на ориз, така што кон овој проблем пристапуваме комплексно. Жалам што дојдов во период во кој веќе проблемот ни беше ставен на маса. Сега се обидуваме да најдеме решение што ќе го надмине овој момент, но затоа во наредниот период, со подготовка за новата реколта, а воедно и по завршувањето, ќе почнеме со решение и практични мерки за да можеме да се подготвиме за наредната – рече Серафимовски.

Прашан дали е надминат проблемот со откупот на млеко во Пијанечко-малешевскиот Регион ,Серафимовски рече дека овој проблем за сточарите е решен.