Connect with us

Општини

Илинденската коњаница помина низ Велес

Учесниците на Илинденската коњаница синоќа, со развиорени македонски знамиња, пристигнаа во центарот на Велес, каде беа свечено пречекани од претставници на Општина Велес и бројни граѓани.

Во нивна чест, а во пресрет на празникот Илинден, во централното градско подрачје беше организирана музичка програма. Делегација на Општина Велес, предводена од заменик-градоначалничката Елизабета Митревска положи цвеќе и се поклони пред споменикот „Коњаник“, посветен на велешките војводи – учесници во Илинденското востание.

Од Здружението на граѓани „Илинденски марш 1978 година“ истакнаа дека целта на Коњичкиот илинденски марш е да се зачува споменот и да се потенцира историското значење на Илинденската епопеја.

Како и во изминатите години, коњаницата тргна од Скопје и преку повеќе градови и села ќе пристигне во Крушево, каде на 2 август, на Мечкин Камен, ќе им оддаде почит на илинденците за време на централната прослава на националниот празник.

По ноќевањето во Градскиот парк во Велес, учесниците утрово го продолжија својот пат кон селата во областа Азот, во Општина Чашка. Вечерва тие ќе бидат пречекани во селото Теово, каде е предвидена свечена програма исполнета со македонска музика и традиционални ора.