Connect with us

Култура

Широк сокак – таа мала градска енциклопедија на Балканот

Марјан ТАНУШЕВСКИ

Во средината на 19 век, на трасираната улица, која почнувала од мостот кај некогашната библиотека „Интифа“ (денешен Судски мост), покрај Градскиот часовник, по должината кон Тумбе-кафе, до Офицерскиот дом, изграден е Широк сокак, таа мала градска енциклопедија на Балканот.

Широк сокак не е само урбан простор, туку живо, симболичко и симбиотско јадро на градскиот идентитет, во кое се вградени историските слоеви, културните влијанија и човечки судбини, забележа Зоран Ѓоргиев, публицист, кој во своите „Приказни од Широк сокак“ за главната битолска улица вели дека е срцето низ кое Битола најсилно чука.

Надалеку познатиот Широк сокак датира од средината на 19 век, време во кое голем придонес дале француските лазаристи, католички ред, чија централа се наоѓала во Париз. Најзаслужен за тоа бил првиот лазарист, подоцнежниот супериор Жан Жозеф Лепавек, кој во градот пристигнал во 1850 година и улицата ја оценил за најпогодна и не само што била главна, туку имала и објект во кој можела да се смести неговата мисија, односно хотелот на офицери од османлиската војска. Набргу улицата ќе биде „заградена“ со прекрасни фасади и прекрасно архитектонско јадро со француски вкус, кој силно ќе влијае врз следните градби во улицата.

Крстена и прекрстувана улица, но секогаш Широк сокак

Улицата Широк сокак, почнувајќи од последните децении на 19 век, била подложна на административни мерки од именувања и преименувања. Тоа е забележливо и од сочуваните разгледници, архивирани и публикувани во „Битола низ стари разгледници“ на авторот Димче Најдов. Првото име на улицата е „Хамиди џадеси“ (џаде – турски: пат), именувана според султанот Абдул Хамид (1876 – 1909), а веднаш по Младотурската револуција, улицата во тогашен Монастир е прогласена за Авенија на слободата. 

Кога османлиската власт се заменила со српска, улицата била препознатлива како „Крал Петар“ и тоа име се одржувало до 1941 година кога за време на окупацијата на Битола бугарските власти ја именуваат во улица Цар Борис. За помалку од еден месец од влегувањето на партизанските единици во градот, односно од 29 ноември 1944 година, улицата се именува како „Маршал Тито“ за што и денес сведочат куќните броеви на портите од оваа улица иако со одлука на Советот на Општина Битола од 14.9.2012 година главната улица во Битола е преименувана во Широк сокак. На истата седница битолските советници ги сменија имињата и на улиците Иво Лола Рибар во Македонска фаланга, Иван Милутиновиќ во Филип Втори Македонски, Едвард Кардељ во Баталјон Стив Наумов, Бошко Буха во улица Круме Кепески, а Булевар Социјалистичка револуција во Методија Андонов-Ченто. 

Хроничарите на градот забележале дека Широк сокак е најстаро и најупорно име. Дописникот од Битола за „Цариградски весник“ уште во 1898 година како општопознато го користел името Широк сокак сосема слободно во дневната комуникација. Кога српските власти, по Првата балканска војна, повеле општа акција за бришење на муслиманските траги премачкувајќи ги со малтер сите видливи муслимански симболи и записи, се задржале и врз името. Го задржале додатокот „широк“, но решително го отфрлиле „сокак“, па улицата ја преименувале во Широка улица. Во еден кус период, по Првата светска војна, улицата станала Корзо. 

Широк сокак никогаш не бил само улица по која се оди од еден крај до друг. Тој бил и останува сцена, спомен, сведоштво, гордост, понекогаш болка, понекогаш радост, но секогаш срцето низ кое Битола најсилно чука. На Широк сокак се мерел градскиот чекор, се препознавал еснафот, се покажувала облеката, се поздравувале генерации, се договарале љубови, се испраќале војници, се пречекувале гости, се гледале конзули, трговци, доктори, аптекари, учители, занаетчии, фотографи, фурнаџии, меанџии, уметници, боеми и обични битолчани со необични судбини. Широк сокак таа мала градска енциклопедија на Балканот, каде што Битола го покажува својот лик, но и својот внатрешен ред – нагласува Зоран Ѓоргиев во „Приказните од Широк сокак“.

Ако се знае дека првото осветление на Широк сокак било на 24 декември 1924 година, кога во 17 часот блеснале светилките на улицата, кафеаните, берберниците… денес, фасадите се со светлечки илуминации, кои предизвикуваат дополнителен визуелен ефект на велелепните објекти. На Широк сокак некогаш имало и бензинска пумпа и фреквентен сообраќај, а денес е пешачка зона, која на две вкрстувања се регулира со пешачки семафори.

Широк сокак бил проточна артерија на дипломати, трговци, воени старешини, улица со угледни хотели…, а денес е улица на конзулати и бизнис-објекти, чии излози во најголем дел се нестадардизирани и токму поради тоа актуелната локална самоуправа најави мерки за заштита на фасадите на Широк сокак.

Обврската за посебна грижа кон старото градско јадро на Битола како споменична целина произлегува од закон кој е во сила од 8.10.2015 година, а (треба) да се применува од 8.10.2016 година и според кој старото градско јадро на Битола е прогласено за културно наследство од особено значење, поткатегорија големо значење. Со законот се овозможува трајно зачувување на историските, уметничките, архитектонските, урбанистичките, етнолошките и на социолошките вредности на споменичната целина, како и на автентичноста, единственоста, разновидноста, староста, но и создавање поповолни услови за опстанок и задржување на интегритетот на сите податоци што таа целина ги носи во себе како сведоштво.

Споменичната целина Старо градско јадро на Битола, настаната во периодот на 15 век врз урбана структура од среден век и со континуиран развој до 21 век, како културно наследство е од особено значење, и тоа никогаш не смее да се заборава, ако искрено се сака Битола да биде европски град, урбан и модерен, горд на својот Широк сокак.