Connect with us

Интервјуа

Д-р Бојчевска-Јусеин: Хашимотото најчесто ги погодува жените што себеси се ставаат на последно место, а гинат за сите други

Секоја жена со хашимото, која седи наспроти мене – со текот на разговорот го кажува истото. Само со поинакви зборови. „Јас сум таква, сè земам при срце“. „Не можам да кажам не“. „Првин ги завршувам работите на сите – па потоа, ако остане нешто, и за себе“. „Перфекционистка сум, не можам поинаку“. И секојпат кога ќе го слушнам ова – знам уште пред да ги видам наодите. Ова не е совпаѓање. Ова е профил. Хашимотото не избира случајни жени. Го гледам тоа со години. Жени што себеси се ставаат на последно место – по сопругот, по децата, по работата, по очекувањата на другите. Жени што функционираат на адреналин и чувство на одговорност. Жени чиј внатрешен стандард е толку висок – што телото повеќе не може да го одржи. И кои на секое „дали си добро?“ одговараат „добро сум“, дури и кога не се. А телото не лаже. Телото пресметува.

Хроничниот стрес – оној тивкиот, секојдневниот, невидливиот – директно го покачува кортизолот. Кортизолот директно ја потиснува тироидната функција. Потиснатата тироидна функција создава средина во која автоимуниот процес напредува полесно. И хашимотото напредува – тивко, систематски – додека жената продолжува да им дава на сите, а на себе – само остатоци. 

Не е случајно. Тоа е механизам. И е механизам што може да се скрши, но само ако некој навреме го препознае. 

И ова е она за кое во ординација речиси никогаш нема доволно време. За профилот. За образецот. За жената зад дијагнозата. 

Затоа велам – протоколот за хашимото не почнува со суплементи. Почнува со прашањето: Кога последен пат себеси си се ставила на прво место? 

Не затоа што е себично. Туку затоа што секоја жена што го направила тоа – излегла подобра варијанта од себе. Подобра мајка. Подобра сопруга. Подобра за сите – токму затоа што првин се погрижила за себе. 

Ова се зборовите на д-р Марија Бојчевска-Јусеин, доктор на функционална медицина, која најчесто работи со пациенти со хашимото. Нејзината објава е прилично потресувачка и ја дава психологијата на голем број жени, сопруги, мајки (зошто да не и на одреден број мажи), кои својот живот го псоветуваат првин на другите, а последно на себе, што ги води кон болест.

Во интервјуто со д-р Марија разговараме и за полицистични јајчници, инсулинската резистенција, потребната колична витамин Д…

Добар сон, редукција на стрес и доволно внесување витамин Д, соодветна храна и витамини што не содржат одредени штетни додатоци за здравјето на луѓето за поквалитетен живот, препорачува д-р Марија, чиј фокус е исто така и кон брачните двојки што сакаат да се остварат како родители. 

За да им се помогне на пациентите, се анализираат медицинската документација и дијагнозата, сегашниот и минатиот животен стил и медицинската историја за да се утврди што е тоа што довело до одредена болест или состојба, а пристапот е индивидуален за секого, објаснува д-р Бојчевска-Јусеин во интервјуто за МИА. 

– Постои нешто што се вика основа. Треба да имаме добар сон и треба да имаме редукција на стрес. Сè друго го градиме врз оваа основа затоа што колку и да даваме терапија, колку и да даваме добра исхрана, доколку една жена или еден маж спие по три часа навечер и е хронично под стрес, никогаш нема да можам да му го подобрам здравјето на тој пациент – вели д-р Бојчевска-Јусеин. 

Живееме во еден свет, додавa таа, во кој постојано сме сите напнати, постојано хронично брзаме, „скроламе“, бргу добиваме допамин, штетно се храниме… Многу често се зборува дали глутенот или лактозата се штетни, но глутенот и лактозата, потенцира таа, пред 40 години, кога живееле нашите баби, или пред 50 години не се исти како денешните. Или навиките, кога се буделе во 5, во 4 наутро и легнувале во 7 навечер кога ќе стане темно. Тогаш, посочува д-р Бојчевска-Јусеин, имало правилен дневно-ноќен ритам, со лачење кортизол и мелатонин. 

– Но, ние денеска што правиме? Значи, легнуваме во 1 часот. Стануваме, може да спиеме по 3-4 часа, се будиме ноќно време, одиме на работа, имаме висок стрес во целата работа плус домашни обврски, цело време финансии гледаме, трчаме, водиме едно брзо темпо, метеж, народ, автомобили, и сè друго и од сè ни е преку глава – нагласува таа.  

Зборувајќи за начинот и искуството при лекувањето пациенти што се од Македонија, но и од странство, д-р Бојчевска-Јусеин вели дека нема видено пациент со нормално или оптимално ниво на витамин Д.  

– Луѓето си мислат дека летно време не треба да примаат витамин Д поради тоа што ќе го добијат преку сонцето. Но проблемот тука е малку поголем. За да дојде до апсорпција на самиот витамин Д, потребни ни се, од една страна, одредени  макронутриенти, кои треба да го активираат. Значи, може да имаме проблем со активација на самиот витамин Д, може да имаме проблем со процесирањето на самиот витамин Д, може да имаме проблем со рецепторите што се одговорни за примање на самиот витамин Д. Значи, третманот за сите луѓе нема да биде ист, но пак ќе речам, нема пациент што не е дефицитарен на витамин Д – посочува д-р Бојчевска-Јусеин. 

Во разговорот таа исто така предупредува дека многу пациенти се соочуваат со дефицити на нутриенти, а главна причина за тоа е што, како што вели, „која храна и да ја јадеме, таа содржи 80 проценти помалку нутриенти“. 

Како причини за неможноста брачните двојки да се остварат како родители, д-р Бојчевска-Јусеин ги издвојува инсулинската резистенција и машкиот фактор.   

– Ако треба да ги издвојам како најчести причини зошто една жена да не може да остане бремена, се инсулинската резистенција и машкиот фактор. Машкиот фактор е неверојатно голема причина, која не е доволно адресирана кај нас – вели таа. 

Работите со пациенти што имаат проблеми со хашимото, односно со тироидната жлезда, со жени со полицистични јајчници и инсулинска резистенција. Во фокус Ви се и двојките што сакаат да станат родители. Како ја поставувате дијагнозата? Каков е тој процес кај Вас и како знаете што најмногу им одговара на оние што Ви се обраќаат?

– Да, главно ќе бидат пациенти со хашимото, полицистични јајчници, инсулинска резистенција и инфертилитет. Инфертилитетот, можам слободно да кажам, ми е најслаба точка затоа што сметам дека има невидена епидемија на млади двојки што не може да добијат потомство и ова не е настанато преку ноќ. И тоа е она што мене ме има однесено до функционалната медицина, која воопшто сметам дека е непозната во Македонија. Имам завршено за „класичен“ доктор, значи зборуваме за медицина што е базирана на научни докази, но разликата меѓу класичната и функционалната медицина е што класичната вообичаено ќе даде терапија и вообичаено го гледа пациентот изолирано, само еден дел, еден орган, поради што имаме специјалисти за уво, нос и грло, специјалисти гинеколози, ендокринолози… Никогаш нема да го гледа пациентот како една целина и вообичаено ќе биде даден лек што ќе ги потисне на некој начин симптомите кај одреден пациент. За разлика од ова, функционалната медицина се стреми да најде зошто некој пациент има одедени симптоми, кои се причините за нивната појава и да ги решиме причините што водат до појава на самите симптоми. Тука е целата разлика, ние не сме алтернативна медицина, многу сме далеку од алтернативната медицина и секогаш го гледаме пациентот како една целина. За пациент со хашимото, класичната медицина ќе препише, да кажеме, одредено лекарство, најчесто кај нас е „еутирокс“. Пациентот реално може и да нема изместување во вредностите на тироидната, но може да има многу симптоми, да кажеме, од типот на хроничен замор, покачување на тежината, brain fog или заматен мозок, ладни екстремитети, опаѓање на косата, на што вообичаено класичната медицина не обрнува внимание поради што пациентот има неквалитетен начин на живеење. Оди од доктор на доктор, значи буквално кај сите можни специјалисти, каде што од страна на сите ќе му биде кажано: „Ништо не ти е, ајде оди си дома, здрава, права си, на психичка база ти е, релаксирај се малку или земи нешто за смирување“. Ние постапуваме поинаку. Го гледаме целото тело затоа што постои нешто што се нарекува патофизиологија и за што јас секогаш викам: ние учиме патофизиологија втора година на медицина, при што учиме како секој систем или орган е поврзан или влијае на одредена функција или орган. Да ја земеме тироидната жлезда, таа влијае на целото тело, на сите системи во телото. Но кога ќе дојде ред за третирање на хашимотото, единственото нешто што знаеме да го дадеме е, доколку имаме покачени вредности, да препишеме замена за тироидниот хормон поради тоа што веќе имаме уништување на тироидната жлезда. Но хашимото е автоимуно заболување, не е болест на тироидната жлезда. Значи, никој не го третира како автоимуно. Тука имаме проблем со самиот имунитет. Кај пациенти со хашимото имаме и изразени дефицити, многу често, 60 проценти, имаме проблем со инсулинска резистенција. Може да имаме дигестивни проблеми, да има недостиг на ензими, на желудочна киселина, некои дополнителни работи. Имаме хронично ниво на стрес, имаме проблеми со спиењето… Ја гледаме комплетната, би рекла, слика на еден пациент. Земаме многу детална анамнеза, која почнува буквално од детството, па до сега, за да видиме кои сè тригери придонеле за појава на одредено заболување кај некоја личност.

Од каде потекнува функционалната медицина и со што лекувате ако ја комбинирате традиционалната медицина со некој друг Ваш пристап? Што е прво на избор?

– Првин сакаме да видиме црно на бело. Во делот на лабораториските резултати, во делот на анализите или некои други работи не можеме да ја замениме класичната медицина. Значи, секогаш сакаме да видиме црно на бело што се случува со самиот пациент. Но би рекла дека одиме малку подлабоко во давањето некој друг вид испитување. Затоа што вообичаено ќе дадат крвна слика, TSH и Т4, да кажеме, најчесто. Ќе испитаат инсулин и шеќер на гладно, кои ќе бидат во некои референтни граници. Но ние не бараме референтни граници. За да може оптимално да функционира еден пациент, треба да биде во оптимални граници. Како ги третираме пациентите? Вообичаено е комбинација од исхрана, таргетирана суплементација и промени во начинот на живеење. Со тоа што секогаш одиме индивидуализирано. Јас секогаш велам, Ана и Јана, и двете може да имаат инсулинска резистенција, но кај двете може да има потреба од сосема друг пристап поради тоа што нема да бидат причините секогаш исти.

Во која смисла? Што препорачувате? 

– Ние никогаш не работиме шаблонски, секогаш одиме индивидуално. Инсулинската резистенција кај одредена жена може да биде резултат на постпартум, може да биде резултат на недоспивање и на високо ниво на кортизол, што дополнително води до влошување на самиот инсулин и на неправилна исхрана, а кај друга жена може да биде резултат на полицистични јајчници, каде што во основа имаме инсулинска резистенција, проблем со прејадување, со нередовни циклуси или нешто друго. Двете не можеме да ги третираме исто. Таа жена спие, но оваа жена не спие. Значи, таа жена јаде премногу благо, оваа жена не јаде многу благо, но се буди петпати во текот на ноќта. Значи, пак ќе речам, може да имаат инсулинска резистенција и двете, но не ги третираме на ист начин. Фокусот за третман ни е на разни аспекти.

Колку години работите фунционална медицина? Што како искуство од досегашната работа со пациентите би можеле да го пренесете за подобрување на општото здравје на населението? 

– Фокусирано, или многу фокусирано, последните шест години, затоа тоа што самата бев принудена на некој начин поради соочување со хашимото и поради ненаоѓање соодветен третман. Тоа е тоа што мене ме има донесено до самата функционална медицина, проблемот што јас го имав.

Од каде потекнува функционалната медицина?

– Од Америка. Еден од основачите е Марк Хajман, каде што пристапот се фокусира на тоа да го бараме коренот на одредена проблематика и да ја решаваме причината на одреден симптом или што е тоа што ja предизвикува некоја болест.

Да се навратиме на прашањето за Вашите искуства и препораки за граѓаните. 

– Ако треба да дадам општа насока… затоа што секогаш одиме со индивидуализација. Но ако треба да дадам општа насока за целото население… Јас секогаш велам, постои нешто што се вика основа. Треба да имаме добар сон и треба да имаме редукција на стрес. Сè друго го градиме врз оваа основа затоа што, колку и да даваме терапија, колку и да даваме добра исхрана, доколку една жена или еден маж спие по три часа навечер и е хронично под стрес, никогаш нема да можам да му помогнам на тој пациент. Значи, првин одиме со решавање на основите – добар сон и редукција на стрес во услови кога живееме во еден свет во кој постојано сме сите напнати, хронично брзаме, „скроламе“, брзо добиваме допамин и некои други работи, како штетна исхрана… Во денешно време многу често се зборува дали глутенот е штетен, дали лактозата е штетна. Но глутенот и лактозата пред 40 години, од времето на нашите баби, или пред 50 години не се исти како денешните. Или навиките, станувале во 5, во 4 наутро и легнувале во 7 навечер кога ќе стане темно, каде што имаме правилен, би рекла, дневно-ноќен ритам, со лачење кортизол и мелатонин. Но ние денеска што правиме? Легнуваме во 1 часот, спиеме по 3-4 часа, се будиме ноќно време, одиме на работа, работиме под висок стрес плус домашни обврски. Цело време финансии гледаме, трчаме, тераме едно брзо темпо, метеж, народ, возила, сè друго и од сè ни е преку глава. Да се фокусираме малку на правилна исхрана, која би рекла е строго индивидуална. Кај некој пациент таа ќе биде со повеќе фокус главно на протеини, кај друг со помало внесување јаглехидрати, кај трет со повисоко. Одредена физичка активност – кај некој таа физичка активност може да биде 20 минути пешачење по оброк, кај други ќе биде еден час во сала за вежбање. Има решение и за дефицитот на нутриенти, на што сметам дека воопшто не се обрнува внимание…

Тоа е недостиг практично на одредени хранливи материи?

– Точно така. Од типот на витамин Д, од типот на железо, од типот на витамин Б12, од типот на селен, на цинк… Колку и да ги набројувам, ќе нема крај, но, да кажеме, тие се главните и основните. Тука се лабораториите што јас ги давам, каде што вообичаено ги гледаме овие дефицити. За жал, овие испитувања не се даваат како практика. Гледаме дека кај таа хронично уморна пациентка има огромно опаѓање на косата, што може да е резултат на многу ниско ниво на феритин, кој всушност ни покажува колкаво ниво на железо има во самата клетка. Многу честа причина за хашимото може да биде дефицитот на витамин Д – немам видено ниедна пациентка или пациент што има нормално или оптимално ниво на витамин Д, а за оптимално го сметаме меѓу 70 и 100.

А зошто е тоа така, докторке? Зошто е тој хроничен недостиг на витамин Д меѓу населението?

– Луѓето мислат дека летно време не треба да примаат витамин Д поради тоа што ќе го добијат преку сонцето. Но проблемот тука е малку поголем. За да дојде до апсорпција на самиот витамин Д, потребни ни се, од една страна, одредени макронутриенти, што треба да го активираат. Може да имаме проблем со активација на самиот витамин Д, може да имаме проблем со процесирање на витаминот Д, може да имаме проблем со рецепторите што се одговорни за примање на самиот витамин Д. Значи, третманот за сите луѓе нема да биде ист, но пак ќе речам, нема пациент што не е дефицитарен на витамин Д.

Значи, Вие препорачувате тој постојано да се зема – и зимно и летно време?

– Но секогаш под контрола. Кога пациентот ќе дојде кај мене, ќе зема две години 2.000 единици и нема да мрдне витаминот Д, буквално воопшто нема да мрдне од претходното ниво, значи во тие случаи, дефинитивно, ни се потребни многу повисоки дози, но секогаш одиме со испитување во лабораторија. Значи, сакаме да ја знаеме почетната точка, каде што ќе дадеме повисоки дози, но истовремено ќе ги дадеме и потребните дополнителни нутриенти, од типот на витамин К2, затоа што витаминот Д го покачува калциумот и доколку нe додадеме витамин К2, тој калциум може да отиде во артериите и да предизвика нивно затнување. Значи, К2 ќе го однесе во коските и ќе го внесе онаму каде што треба. И задолжително ќе вметнеме магнезиум, кој ќе го активира самиот витамин Д. Секако, сумплементите сакаме да бидат таргетирани и максимално исчистени од инфламаторни продукти. Што значи инфламаторни продукти? 99 отсто кај нас суплементите содржат инфламаторни продукти. Дали ќе биде малтотекстрин, дали ќе гликозен сируп, дали ќе бидат згуснувачи, емулгатори, вештачки бои, натурални бои, да не ги набројувам – повеќе ќе направат штета отколку полза. 

Зборувавме за жените што не може да имаат деца. Многу често им се кажува дека нема медицинска причина за зачнување. Какво е Вашето искуство? Вие како лекар што можете да кажете, со што најмногу жените се соочуваат како невидилив проблем, така да кажам? 

– Не се знае бројот на жени што се соочуваат со инфертилитет и имале многубројни ин витра и обиди за забременување. Кога ќе дојдат кај нас, ние бараме да биде испратена целата документација по што седнувам и правам детален преглед на сите нивни резултати. Ако треба да ги издвојам како најчести причини зошто една жена да не може да остане бремена, тоа се инсулинската резистенција и машкиот фактор. Машкиот фактор е неверојатно голема причина, која не е доволно адресирана кај нас. Што вообичаено ќе видиме? Ќе видиме дека жената ги има направено сите можни испитувања, мажот има направено спермограм, на кој најчесто пишува дека е во ред. Кога ќе го видам спремограмот, во 90 отсто од случаите ќе видиме дека има повеќе работи. Може да има многу мал број на брзо прогресивни сперматозоиди или лоша морфологија на самите сперматозоиди, трета причина може да биде вкупниот број во самиот ејакулат. Кога ќе видам дека нешто не е како треба во некој спермограм, задолжително назначувам ДНК-фрагментација, која ќе ни даде информација за тоа каков е квалитетот на самите сперматозоиди затоа што сакаме квалитетни сперматозоиди за да може да биде создаден ембрион. Дури и да дојде до оплодување на самата јајце-клетка, за да дојде до ниво на ембрион, потребни се квалитетен сперматозоид и квалитетна јајце-клетка. Кога ќе направиме ДНК-фрагментација, ќе видиме дека ДНК-фрагментацијата е значително висока, што вообичаено ни укажува дека имаме стрес, инсулинска резистенција, може да биде проблем со хормоните кај мажот… Се бараат дополнителни испитувања кај мажот за да видиме зошто е зголемена ДНК-фрагментацијата. Може да биде варикоцела. Имавме пациент со висока ДНК-фрагментација, го препративме на уролог. Варикоцелата во голем степен влијае на самата сперматогенеза и врз квалитетот на сперматозоидите. Тука би рекла дека 50 проценти машкиот фактор сам по себе изолиран или во комбинација со женски фактор е причина за неплодност. 

Дали е ова искуство за Македонија или генерално бидејќи рековте дека работите со многу пациенти и надвор од земјата? 

– Не. Генерално.  

Во однос на инсулинската резистенција, какви се првите симптоми на инсулинска резистенција? 

– Еден од најчестите е по оброк, пациентката или пациентот ќе има чувство дека сака да легне да дремне и ќе му се приспие. Ќе видиме умор во текот на денот или доколку зема храна што не треба да ја јаде, може да има драстични промени во самото расположение затоа што кога ќе јаде висока јаглехидратна исхрана, ќе се крене шеќерот и ќе биде добро, но по еден или два часа, буквално ќе падне и ментално и психички и бара брз извор на јаглехидрати и се врти во еден круг… горе, долу, горе, долу, што резултира со драстични промени во расположението. Значи, ова е пациент што ќе биде ту нервозен ту смирен. Друго, ноќно време, помеѓу два и четири часот вообичаено, затоа што нема правилни оброци како што треба, поради запаѓање во хипогликемија, во црниот дроб и во надбубрежните жлезди ќе почне да се лачи кортизол, со цел да биде разбуден за да биде стабилизиран. Кортизолот го крева самиот инсулин за да биде на некој начин стабилизирано нивото на шеќер во телото. Пациентот ќе има нонстоп будење помеѓу три и пет, два и пет, затоа што тоа е времето кога има гликемија. Или навечер ќе се разбуди, ќе го отвори фрижидерот за да касне нешто и ќе оди да продолжи да спие. Така се натрупуваат масти во пределот на стомакот. Колку и да држи диети, не може да симне ниту грам. Дополнително, поради самата инсулинска резистенција и поради тоа што не добива доволно нутриенти, може да има заматеност во мисловниот процес, когнитивната функција, проблеми со размислувањето… 

Која е првата анализа што треба да се направи за да се открие инсулинска резистенција? 

– Гликоза на гладно и инсулин или ХОМА-индекс или ОГТТ (орален гликоза толеранс тест) со инсулин, но не со гликоза. Тука многу грешат. Кај нас многу ретко практикувано испитување. Вообичаено кај нас за бремените жени е испитување, но ќе мерат дијабетес, ќе мерат шеќер во крвта. Тука мериме инсулин, колку панкреасот лачи инсулин на гладно и кога ќе биде преполн со јаглехидрати. На прв час, на втор час – да видиме. Тоа е најточниот тест за инсулинска резистенција. Но многу ретко е практикуван кај нас. На второ место е ХОМА-индексот, како што реков, на трето место кога ќе земеме гликоза и инсулин на гладно, доколку ги испитаме и доколку ги помножиме и поделиме со 22,5, ќе го добиеме ХОМА-индексот. 

Препорачувате ли некој тип на алтернативна медицина? Чаеви, билни тинктури и слично… 

– Не сум против, но сметам дека и алтернативната медицина, доколку не се практикува како што треба, знае да нанесе штета. Затоа секогаш нагласувам дека терапијата за секој пациент треба да биде строго индивидуализирана, безбедна и оптимизирана за неговиот индивидуален случај. 

Последното прашање ми е за храната што ја јадеме на ова поднебје. Многу нутриционисти велат дека луѓето треба да ја јадат најчесто храната од поднебјето од каде што потекнуваат. Сега има наплив на секаов вид храна. Во поново време имаме наплив на додатоци, протеини… Што сметате Вие, каков тип на храна одговара за ова население? 

– Прво, во денешно време, независно каде се наоѓаме, мора да има хибридизација, пестици, хербициди и други работи. Која храна и да ја јадеме, содржи 80 проценти помалку нутриенти. Веќе посочив дека нашето население е хронично дефицитарно на многу нутриенти. Зошто е тоа така? Она што го покажуваат научните истражувања е точно тоа – дека денешната храна и содржи и 80 проценти помалку магнезиум отколку, на пример, спанаќот пред 30 години. Не сметам дека има врска со поднебјето, туку дека просто методите што се користат во денешно време водат до тоа храната што ја јадеме да не биде доволно, единствено само како алатка за управување со целокупната состојба. Повторно кажувам, затоа што денешната храна, независно во кое поднебје се наоѓаме, не ги содржи потребните нутриенти или е направена да биде многу поштетна отколку што била претходно.

Извор: МИА

Ad
Ad