Општини
Невреме со силен ветер и дожд го зафати Куманово
Невреме проследено со силен ветер и дожд го зафати Куманово попладнево. Граѓаните јавуваат за паднати дрвја и бандери, како и за откорнати лимени кровови во централното градско подрачје и во близина на поранешниот „Минимаркет“.
Директорот на ЈП „Чистота и Зеленило“, Сашо Томиќ, изјави дека сите расположливи екипи се мобилизирани.
- Екипите веќе се на терен, мобилизирани се не само од ‘Чистота и Зеленило’, туку и од другите јавни претпријатија-изјави Томиќ.
Командирот на Територијалната противпожарна единица Куманово, Борис Станковски, информираше дека пожарникарите интервенираат на отстранување на откорнати покривни конструкции на булеварот „Октомвриска револуција“, во централното градско подрачје и на уште една локација.
Интервенции има и екипите на ЈП „Водовод“. Директорот Игор Липковски изјави дека нивните служби постапуваат на булеварот „Октомвриска револуција“, на улицата „Никола Тесла“, како и на уште неколку локации низ градот.
Кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски информираше дека екипите на јавните комунални претпријатија и ТППЕ се на терен за санирање на последиците од невремето.
-Доколку на кој било граѓанин на Куманово му е потребна помош за санирање на последиците од невремето да пријават кај овластено лице од општината на телефонски број 071/ 338-034 За итни интервенции на дежурниот телефон на ТППЕ Куманово 193-повика Димитриевски
јули 22, 2026


