Култура
На „Охридско лето“ одиграна „Која е Лорет“ – претставата што ја поттикнува младата публика да ја препознае различноста и човекот зад етикетите
Театарската претстава „Која е Лорет“ од Флоранс Кадије, во режија на Драгана Милошевски-Попова, а во изведба на Театарот за деца и младинци од Скопје, синоќа беше дел од драмскиот репертоар на 66. издание на фестивалот „Охридско лето“.
Претставата, која отвора важни прашања за идентитетот, припадноста и прифаќањето на различностите, пред охридската публика ја донесе приказната за Лорет – девојче со Даунов синдром, кое не е дефинирано преку една особина, туку преку сите улоги, соништа и способности што ги има.
Според директорката на НУ Театар за деца и младинци – Скопје, Фросина Карловицс, „Која е Лорет“ ги поттикнува младите да погледнат подлабоко од првиот впечаток и да го препознаат другиот во целата негова сложеност.
„Која е Лорет“ ги повикува младите да размислуваат за тоа како го градиме сопствениот идентитет, но и како ги гледаме другите. Лорет не е определена само од една карактеристика: таа е ќерка, сестра, ученичка, пријателка, актерка, режисерка и сликарка. Таа е дете кое сака да биде видено, прифатено и сакано, како и секое друго дете. Претставата испраќа порака дека човекот не може да се сведе на етикета, дека различноста не треба само декларативно да се прифаќа, туку вистински да се разбере и живее, истакна Карловицс.
Маестралната актерска изведба на претставата е заслуга на Ана Левајковиќ Бошков, Мики Анчевски, Винета Дамческа Мојаноска, Петар Стојанов, Анастасија Ласовска и Вања Стојановиќ.
Карловицс нагласи дека актерскиот ансамбл на Театарот за деца и младинци покажал исклучителна чувствителност и професионалност во обработката на тема која бара внимателен и искрен пристап.
„Станува збор за професионалци со големо искуство, широк сценски израз и ретка способност да комуницираат искрено со различни генерации публика. Во „Која е Лорет“ тие покажаа особена чувствителност, дисциплина и мерка, затоа што ваквата тема не дозволува ниту површност ниту патетика. Нивната посветеност не се гледа само во поединечните улоги, туку и во начинот на кој функционираат како ансамбл“, додаде директорката.
Драматизацијата на претставата е на Милена Деполо, сценографијата и костимографијата ги изработи Ирина Сомборац, додека музиката е дело на Сашко Костов.
Театарот за деца и младинци – Скопје, како единствен национален театар специјализиран за програма за деца и млади, има значајна улога во уметничкото и културното образование на најмладата публика.
„Нашата задача е на младите да им понудиме простор во кој ќе учат самостојно да размислуваат, да препознаваат вредности и да развиваат одговорност кон себе и кон другите. Во време кога се изложени на огромен број брзи, фрагментирани и често агресивни содржини, театарот им нуди нешто сосема поинакво: живо искуство, концентрација, емпатија и средба со туѓа перспектива“, рече Карловицс.
Репертоарот на Театарот за деца и младинци – Скопје се гради според возраста, интересите и развојните потреби на публиката, но и според уметничката вредност на проектите. Тој опфаќа класични бајки и дела од детската литература во современи сценски толкувања, авторски претстави со актуелни општествени и семејни теми, како и куклени, музички, интерактивни и младински продукции.
Со „Која е Лорет“, 66. „Охридско лето“ уште еднаш потврди дека театарот не е само простор за уметничко доживување, туку и место каде се отвораат важни прашања за емпатијата, прифаќањето и вредностите на современото општество.
јули 21, 2026


