Култура
Заврши шестгодишната заштита на монументалниот Иконостас во прилепската црква „Свето Благовештение“
По шест години стручна работа конечно е зацврстен, конзервиран и му е вратен оригиналниот сјај на монументалниот Иконостас во прилепската црква „Свето Благовештение“ кој е еден од највредните и најголемите во Македонија.
Иконостасот го добил оригиналниот изглед од пред 188 години.
-Оваа година одевме на тонирањето и на враќање на елементите кои беа отпаднати. Се вршење конзервација и пронајдување на основната боја на оригиналноста на самиот Иконостас. Рамките на празничните икони, поставени на вториот кат на Иконостасот оригинално се црвени, им ја вративме бојата, а ги затекнавме како позлатени, всушност со бронзена боја, вели Мимоза Христоска, директорка на Завод и музеј- Прилеп.
Лани Иконостасот со челични сајли се зацврсти за да го отстрани навалувањето, а годинава светна во оригиналниот сјај. Вложени се преку 3,3 милиона денари. На тимот стручњаци од Прилеп и од Битола кои шест години неуморно работеа да го заштитат ова сакрално бесценето богатство им остана наесен да ги заштитат царските двери.
– Останаа уште царските двери кои во текот на оваа година ќе бидат конзервирани и завршени. Изминатите две години се посветивме на конструктивното консолидирање и зацврстување за да се спречи навалувањето што го имаше. Поставени се сајли во задната страна и греди кои се како оригиналните и се одеше до оригиналните темели за да се отстрани тоа што не чинеше и Иконостасот да се зацврсти, објаснува Христоска.
Иконостасот со димензии 17 на 6 метри е еден од најимпозантните и е меѓу трите највредни во државата со оној во Бигорскиот манастир и во црквата „Свети Спас“ во Скопје.
Прилепскиот музеј ќе ја заштитува и првата прилепска црква изградена во градот 1838 година, црквата „Свето Благовештение“ која го има вредниот Иконостас и во која се пронајдени таканаречените книжни икони, своевремено изложени во македонскиот културен центар во Њујорк.
јули 20, 2026


