Connect with us

Општини

Почна летната школа по вероучение во Бигорскиот скит во Битуше

Во Бигорскиот скит, посветен на Светите браќа Кирил и Методиј, кој се наоѓа во близина на долнореканското село Битуше, општина Маврово и Ростуше, денеска почна летната школа по вероучение за деца, како дел од мисијата на Бигорски манастир.

Првата група ја сочинуваат 30 деца од повеќе градови од државава. Интересот за посета на школата е огромен поради што и бројот на групите ќе биде поголем од предвидениот. Преку овие школи, децата имаат можност да се запознаат со убавината на православната вера, традициите, културата и уметноста, но и да се рекреираат среде живописната природа на планината Крчин, којашто придонесувајќи за нивното телесно здравје истовремено ќе го воспитува и нивниот дух. Ќе има пет смени во кои ќе бидат опфатени деца од различни возрасти, рече за МИА, сестра Ефимија.

Поконкретно првата смена почна денеска и ќе трае до 19 јуни во која се опфатени деца од 10 до 12 годишна возраст. Втората смена е 28 јуни до 3 јули, за деца од 13 до 15 години, трета смена од 13 до 18 јули, за деца од 10 до 12 години, четврта е од 3 до 8 август за деца од 13 до 15 години и петтата и последна смена од 10 до 15 август за деца од 10 до 12 години.

-За децата се грижи стручен и посветен тим составен од дипломирани теолози, педагози, психолози, социјални работници, доктори, воспитувачи и професори од различни научни и културни дисциплини. Тие ќе се погрижат престојот на децата да биде безбеден, поучен и исполнет со многу љубов, нагласува сестрата.

Ad
Ad