Свет
Историски пораз за АНК на Мандела на локалните избори во Јужна Африка
Партијата што му стави крај на апартхејдот под водство на Нелсон Мандела доживеа голем неуспех на локалните избори во Јужна Африка, покажуваат резултатите објавени денеска.
Со 98 отсто преброени гласови, Африканскиот национален конгрес (АНК) освои само 30,95 проценти од гласовите, соопшти Изборната комисија.
Либералната партија предводена од белци, Демократската алијанса (ДА), оствари 24,56 отсто на национално ниво.
АНК, кој доминираше во политиката во Јужна Африка како најголема партија повеќе од 30 години, исто така го загуби мнозинството во шест од осумте метрополитенски региони, наведе Изборната комисија.
Во главниот град Преторија и економскиот центар Јоханесбург, ДА е во значително водство и се очекува да формира коалиција која ќе го исклучи АНК.
Во Кејптаун, ДА освои апсолутно мнозинство, додека во Дурбан, партијата „Умконто ве Сизве“ (uMkhonto weSizwe – MK) на поранешниот претседател Џејкоб Зума обезбеди мнозинство.
Политичките аналитичари истакнуваат дека гласачите го казнија АНК поради високата стапка на невработеност и криминал, распространетата корупција и нефункционалниот јавен сектор.
На локалните избори во 2021 година, АНК сè уште имаше поддршка од речиси 46 проценти од гласовите.
Поразот на АНК не доаѓа како целосно изненадување, пренесе ДПА. АНК за првпат го загуби своето апсолутно мнозинство на парламентарните избори во 2024 година. Наместо конвенционална коалиција, АНК тогаш формираше надпартиска влада со сите партии претставени во парламентот, која е сè уште на власт.
ноември 8, 2026


