Connect with us

Живот

Најпопуларниот психијатар и невронаучник во САД, Даниел Амен: Елиминирајте ги автоматските негативни мисли, акохолот и марихуаната се убијци на мозочното ткиво

„Со подобар мозок доаѓа подобар живот! Но ако никогаш не погледнеш, никогаш нема да знаеш“. Ова е една од главните пораки и совети за зачувување на умствената кондиција што ги истакнува реномираниот американски невронаучник и психијатар д-р Даниел Амен (Dr. Daniel Amen) во своето гостување во поткастот Club Random кај Вилијам Махер. Во поткастот објаснува зошто големината и физичкиот преглед на мозокот се клучни за здравјето директно посочувајки дека човечкото однесување е тоа што ги одгледува или убива мозочните ќелии.

Амен, кој е пионер во примената на SPECT-снимањето на мозокот и основач на глобално познатите Amen Clinics, предупредува дека модерната медицина прави огромна грешка што не го третира мозокот како физички орган. Преку искуството од над 300.000 направени скена, тој нуди конкретни сознанија за обновувањето на мозочните ќелии, реалните последици од марихуаната и алкохолот, како и практични техники за управување со сопствениот ум.

Убијте ги негативни мисли и дајте му име на својот мозок

За секојдневните борби со анксиозноста, контролата на мислите и стресот, д-р Амен нуди конкретни вежби што секој може веднаш да ги примени во секојдневието.

Првиот совет е да ги елиминираме автоматските негативни мисли – АМН, (брзите, несвесни и деструктивни мисли, кои се појавуваат сами од себе и ни ги расипуваат денот, расположението и здравјето).

„Никој не те учи како да управуваш со својот ум. Кога бев 28 години, еден од моите професори рече: „Мораш да ги научиш твоите пациенти да не веруваат во секоја глупост што ќе ја помислат“. Бидејќи јас верував во секоја глупост што ја мислев! Јас ги учам сите мои пациенти да ги убијат АМН – автоматските негативни мисли што ти ја крадат среќата. Само затоа што имаш некоја мисла, тоа нема никаква врска со тоа дали е вистинита или корисна. Учењето да управуваш со својот ум е вештина што треба да почнеме да ја учиме уште во второ одделение“, вели доктор Амен.

Вториот совет е: чудо на една страница! – метод што ни дава можност за самопроверка.

„На едно парче хартија напиши што сакаш: врски, работа, пари, физичко, емоционално, духовно здравје – што сакаш! И потоа секој ден само си го поставуваш прашањето: ‘Дали се вклопува? Дали моето однесување се вклопува со она што го сакам?’ Тоа е управување со мојот ум! Што сакам јас и дали моето однесување ми го дава тоа што би го сакал? Значи, не е ‘треба да го направиш ова, треба да го направиш она’. Прашањето е едноставно: Дали моето однесување се вклопува со целите што ги имам?“, вели тој.

 Иако во целиот поткаст со Махер двајцата постојано се шегуваат за своите ментални и здравствени навики, Амен доста сериозно објаснува дека корисно за нашиот мозок е да му дадеме име и да му се обраќаме.

„Дај му име на твојот ум! Тогаш можеш да добиеш дистанција од гласовите што зборуваат во твојата глава. Кога имав 16 години, имав милениче ракун, по име Херми. Беше извор на неволји. Расфрли тоалетна хартија во целата бања на мајка ми, ги изеде сите риби од аквариумот на сестра ми и оставаше измет во моите чевли! Но тоа е мојот ум. Па го крстив мојот ум по моето милениче ракун. Затоа кога ќе добијам мозочна бура од негативни мисли, јас сум во фазон: ‘Херми, оди во кафезот!’ Тоа е просто учење да се одделиш од бучавата“, коментира научникот.

Иако се чини дека менталната хигиена би одзела многу од времето и енергијата на еден човек, сепак, според Амен, тоа не значи крај на забавата.

„Тоа е лагата што луѓето ја зборуваат – ‘како можеш да се забавуваш ако се грижиш за мозокот?’ А јас се забавувам со куп работи! Но да мораш да го супримираш твојот мозок за да можеш да управуваш со твојот ум за да се забавуваш – тоа просто изгледа како многу работа. Јадењето ср*ње храна не е награда, тоа е казна. Треба да сакаш храна што ти ја враќа љубовта назад!“, отворено зборува докторот. 

Дали мозочните ќелии се враќаат? 

Спротивно на долгогодишниот мит дека оштетените мозочни ќелии се изгубени засекогаш, психијатарот открива дека мозокот има способност секојдневно да произведува нови ќелии, но нашиот начин на живеење одлучува за нивната судбина.

„Тврдењето дека кога ќе убиеш мозочна ќелија, таа никогаш не се враќа – не е точно. Има една област во твојот мозок наречена хипокампус. Таа е вклучена во расположението и меморијата и секој ден произведува речиси 700 нови матични ќелии. Хипокампус е грчки збор за морско коњче, па јас често размислувам за нив како бебиња морски коњчиња што прават 700 нови секој ден. Твоето однесување е тоа што или ги убива или ги одгледува. Значи, тоа што го јадеш, тоа што го пиеш, нивото на стрес под кое си, токсините во твојата околина – сето тоа е важно. Затоа, ако научиш да го сакаш твојот мозок, потоа ќе почнеш да се однесуваш подобро кон него“, дециден е докторот.

Говорејќи за одржувањето здрав и физички волуменозен мозок, д-р Амен нагласува дека намалувањето на мозочната маса директно влијае врз когнитивните функции и дека тоа е орган каде што димензијата на здравиот систем е од пресудно значење.

„Кога станува збор за мозокот, тој е единствениот орган во твоето тело каде што големината е навистина важна! Затоа јас никогаш не сакам да направам ништо што би направило да имам помал мозок“.

Алкохолот и марихуаната апсолутно му штетат на мозокот

Иако домаќинот се обиде да го испровоцира докторот со тоа што отворено призна дека одвреме-навреме земал и алкохол и марихуана, а сепак е во добра кондиција, Амен остана на своите научни знаења и докторско искуство – пороците го убиваат мозкот и се штетни и во најмала количина. Мозокот страда и од стрес, вели тој, но затоа постои т.н. концепт на мозочна резерва.

„Понекогаш тоа зависи од тоа колку резерва имаш. Постои термин што го измислив наречен мозочна резерва – тоа е дополнителното ткиво што го имаш за да се справиш со каков било стрес што ќе ти се испречи на патот. Земи двајца војници, стави ги во ист тенк при иста експлозија: едниот од нив заминува неповреден, а другиот е трајно инвалидизиран. Зошто? Тоа е мозокот што го донеле со себе во несреќата. Некои луѓе може да пушат многу трева, може да пијат многу алкохол и сѐ уште ги имаат своите способности, така? Но кај многу повеќе луѓе тоа навистина има негативно влијание врз нивниот мозок.

Махер се смее на забелешката на докторот дека мозокот е единствен орган каде што големината е важна и прашува: Пиев алкохол и пушев марихуана, дали мозокот ми е оштетен?

Објавив студија на илјада корисници на марихуана – секоја област од нивниот мозок има пониска активност. Независна група на друга илјада корисници на марихуана најде дека центрите за учење и меморија се со пониска активност. А меморијата е многу важна! 21 милион луѓе во Америка сега пушат трева секој ден. И ако користиш марихуана како тинејџер, во твоите 20-ти години имаш зголемен ризик од анксиозност, депресија, самоубиство и психоза бидејќи твојот мозок навистина не е завршен со развојот додека не наполниш 25 или 26 години“, раскажа докторот.

Зошто е неопходно снимањето на мозокот?

На самиот крај, д-р Амен објаснува зошто традиционалниот пристап во психијатријата е застарен и зошто физичкиот скен и визуелната анализа на мозокот се клучни за поставување правилна дијагноза и долгорочно исцелување.

„Психијатрите се единствените медицински лекари што никогаш не го гледаат органот што го третираат. Размисли за тоа! Кардиолозите гледаат, твојот ортопед гледа, твојот уролог леда, гинекологот, секој медицински специјалист гледа! Психијатрите поставуваат дијагнози исто како што правеле во 1840 година кога Линколн бил депресивен. Значи, Линколн бил суицидален двапати во својот живот. Во зимата 1840 година оди кај својот лекар Ансон Хенри и тој му поставил дијагноза меланхолија или тоа што сега е голема депресија. Зборувал со него, го погледнал, побарал кластери од симптоми и потоа поставил дијагноза и го лекувал. Тоа е точно тоа што се случува денес! И тоа е лудост. И тоа е 60 години пред Фројд! Фројд во 1895 година рекол: ‘Науката за мозокот на моето време не е доволно софистицирана за да ги објасни симптомите на пациентите’, па заминал и развил психоанализа. Но пред 35 години, кога почнав да правам SPECT-снимање на мозокот, тоа промени апсолутно сѐ што правам како психијатар, како татко, како човек. Со подобар мозок доаѓа подобар живот! Но ако никогаш не погледнеш, никогаш нема да знаеш“, вели Амен.

За потполно излекување на пациентот, тој посочува дека дијагностиката мора да ги земе предвид сите четири клучни столбови на човекот:

„Ние мора да лекуваме, да излекуваме, а не само да третираме симптоми. Сакам да излекувам, не само да третирам, бидејќи сакаш да ја дознаеш коренската причина и да ја излекуваш. Кога отидов на медицински факултет, деканот првата недела ни рече: ‘Никогаш не размислувајте за вашиот пациент како за нивната дијагноза. Секогаш размислувајте за нив во овие четири круга: Што е биологијата? Го знаеш тоа, затоа си на медицински факултет. Што е психологијата – како размислуваат, какво е нивното минато ниво на траума. Што е социјалниот круг – каков е нивниот живот, нивната врска, нивната работа, нивните пари. И што е духовниот круг – зошто, по ѓаволите, им е грижа, кое е нивното најдлабоко чувство за значење и цел’. И од тој момент секогаш размислувам за моите пациенти во овие четири големи круга“.