Connect with us

Живот

Маж обвинет за вознемирување делфини кај брегот на Мореј во Шкотска

Шкотската полиција поднесе кривична пријава против маж поради наводно вознемирување делфини кај брегот на Мореј, во близина на Портноки, на југозападот од земјата.

По добиената пријава дека пловило им се приближувало и ги вознемирувало делфините, од шкотската полиција соопштија дека мажот е идентификуван и обвинет, а случајот ќе биде проследен до шкотското јавно обвинителство, пренесе „London evening standard“.

Делфините, китовите и морските прасиња во територијалните води на Шкотска се заштитени со закон. Намерното или несовесното вознемирување или прогонување на овие животни претставува кривично дело.

Инспекторката Брајони Манро ги потсети граѓаните дека, при средба со морските животни треба да одржуваат безбедно растојание и да ги почитуваат правилата за набљудување на морскиот свет.

– Многу луѓе уживаат кога ќе видат јата делфини и китови, но мора да бидеме сигурни дека со нашето однесување не ги доведуваме во опасност, изјави Манро.

По инцидентот, шкотската полиција ги повика граѓаните да ги пријавуваат случаите за вознемирување или загрозување на делфините, китовите и другите морски животни.