Општини
Во Прилеп пред бизнис секторот се претставени 20 иновации на млади
Околу 40 млади од средните стручни училишта во Прилеп пред бизнис заедницата и пред претставниците од Регионалната и на Стопанската комора на Македонија, денеска во големата сала од општинската зграда претставија 20 бизнис идеи за иновации кои наоѓаат примена во стопанството и секојдневниот живот. Настанот „Пич сцена Прилеп“ го организираа невладината „Генвајб“ од Прилеп и прилепската регионална стопанска комора.
-„Пич сцена Прилеп“ е катализатор за младинското претприемништво во Прилеп. Исклучително сме задоволни. Пријавени се 20 тима од средните стручни училишта во Прилеп. Тоа се околу 40 млади иноватори кои сакаат да ја презентираат нивната бизнис идеја. Стручно жири од прилепските компании ги проследува бизнис-идеите на иноваторите. Имаме одлична соработка со Регионалната и со Стопанската комора на Македонија. Целта е бизнис-идеите да се слушнат и успешните да се применат во стопанството. Има одлични идеи. Всушност и најуспешните компании почнале од една петминутна презентација, рече претседателката на НВО „Генвајб“, Јасмина Гулевска.
Претседателот на прилепската регионална стопанска комора Никола Мариноски нагласи дека ова е мотивација младите да размислуваат претприемнички.
-Ги мотивираме младите да размисуваат на претприемништво. Сметаме дека во овој свет на индивидуализам, младите ќе може да бидат слушнати, да се докажат пред јавноста и нивните идеи да бидат прифатени.
Марија Матеска од прилепската гимназија „Мирче Ацев“ има своја иновација за дигитален градски часовник.
-Дигиталниот градски часовник е спој на современата технологија и заживување на традицијата со различни прикази и кратки исечоци од нашиот град. Би служел и за развојот на туризмот зашто преку кодови туристите ќе имаат можност да стигнат до различни локации и информации за прилеп. Би бил поставен пред општинската зграда.
Стефан Мојсоски е од прилепското средно стручно училиште „Орде Чопела“. Има иновација на каталиџатор кој се мести на оцаци од куќи, училишта, институции.
-Со катализаторите сакаме да го исчистиме чадот од оџаците, да ја зачуваме здрава средината, а и здравјето на луѓето., вели младиот иноватор Мојсоски.
Даниела Михајлоска Василевска од Стопанската комора на Македонија нагласува дека Комората дава и охрабрува вакви проекти, а стопанствениците се заинтересирани да ги прифатат.
-Развојот на образованието е еден од трите клучни приоритети што Стопанската комора неколку години го поттикнува како значајна нитка во целиот развоен процес на македонската економија. Зашто, без образование и без соодветен кадар ние не може да размислуваме за развој на економијата. Импозантно е што младите се од средните стручни училишта, а ние, како Комора, повеќе од деценија и половина работиме на поттикнување на дуалното образование. Постои голем интерес кај бизнис секторот за поддршка на иновативните идеи и проекти кои ќе најдат примена во стопанството.
Прилепскиот градоначалник Дејан Проданоски им порача на младите да веруваат во своите идеи кои наидуваат на поддршка и од локалната самоуправа.
-Како Општина Прилеп, сакаме да градиме средина во која младите нема воопшто да размислуваат како да заминат, туку ќе имаат причина да останат, да создаваат и да успеат тука. Прилеп е град со силен стопански и претприемачки дух. Тоа е град во кој со децении се создава, се произведува, се инвестира и се работи. Затоа сметам дека е сосема природно токму овде да отвораме простор за новата генерација претприемачи, рече Проданоски.
На настанот присуствуваше и претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески,а за најдобрите се предвидени награди и сертификати.
септември 26, 2026
