Connect with us

Вести

Илинденското востание не завршило со падот на Крушево, Арсов се борел до 28 септември, Ѓорче до октомври, Јане почнал на Крстовден

Секоја година на 2 август за Илинден ја доживуваме истата приказна: празникот почнува и завршува со Крушево, Крушевската Република и АСНОМ. Додека за делот од 1944 година нема што многу да се каже, секвенцата од 1903 година претставува ретуширање на нашата историја и тоа во сопствена режија. Приказната се сведува на тоа дека во свеста на голем број Македонци вградена е претставата дека Илинденското востание траело десетина дена, колку што траела и Крушевската Република, а главни негови протагонисти се Никола Карев и Питу Гули. Другите како да не постојат, а Илинденското востание како да се случило само горе, над прилепското поле, во планинските предели на кое е распослано Крушево.

Македонија денеска слави еден од најголемите празници – е вообичаената фраза што ја слушаме секоја година. Така, првиот Илинден е Крушево и тука приказната завршува. Навистина кога последен пат за Илинден сме ги чуле имињата, на пример, на Даме Груев или Борис Сарафов, Анастас Лозанчев или Јане Сандански. За таквите како Васил Чакаларов од Костурско, чиј споменик во Скопје пред десетина години беше оспорен затоа што и самите тие што го оспоруваа не знаеја зошто го оспоруваат, ама знаеја дека така требало. 

Наспроти тоа, во спомените на македонските револуционери, кога станува збор за востанието, Крушево не се ни споменува. Освен за време на Смилевскиот конгрес, кога бил забележан приговорот на Карев дека во Крушево има доволно оружје, но не и во селата, и дека тој крај не е подготвен за востание. Очигледно, за Груев, Сандански, Ѓорче Петров и другите, чии сеќавања и спомени се запишани, крушевската епопеја е само една од епизодите какви што имало многу во тие денови и тие не сметале дека таа е нешто повеќе од другите. Не дека е мала епизода, напротив, таа е грандиозна, невидено грандиозна, но работата е што такви биле и другите приказни од Илинден 1903, а ние ги поттурнуваме под тепих. Особено што Републиката згаснала на 13 август во време кога во некои делови на Македонија борбите штотуку се разгорувале.

Васил Чакаларов

Смилево како да не постои

Клисура е ослободена од Турците на 23 јули (или 5 август според новиот календар) од страна на востаниците од Костурскиот Регион. Додека Крушево веќе почнало да ги лечи раните од востанието, на 23 август Васил Чакаларов и неговите востаници допрва влегувале во Невеска, денешно Нимфео, во југозападниот дел од леринската околија, гратче со 500-600 домаќинства. Лерин и Костур денес се во Грција, па веројатно затоа полесно ни беше Чакаларов со децениии да им го препуштаме на Бугарите.

Костурчани и самиот Чакаларов биле најголеми поборници на Илинденското востание поради гладот што владеел таму.

„Тие беа воинствени, иако со храна беа во најтешка положба. Чакаларов дури сакаше со востанието да се почне во мај…“, сведочи Славејко Арсов, учесник на Смилевскиот конгрес.

Славејко Арсов

Според него, и крушевчани биле против востанието поради слабата вооруженост. Да не бил нивниот притисок, наметнат од гладот што владеел, можеби востанието ќе доживеело одложување. Особено што Георги поп Христов, битолски војвода, непосреден сведок на барањето на Борис Сарафов да се нападне градот, дури тврди дека во деновите околу Смилевскиот конгрес, на неофицијални советувања во Битола, и самиот Даме Груев, иако на Велигден 1903, кон крајот на април, во Солун огнено го убедувал Гоце Делчев за сенародно востание, бил во дилема за одлуката за востание и му било мачно што немало што да се направи против тоа.

Смилево, родното село на Даме Груев, е ослободено ден по почетокот на востанието (21 јули/3 август) и такво останува сè до 14 август (28 август) кога го напаѓаат речиси 5.000 турски војници.

„На 14 август дојдоа девет табори војска со 600 до 800 војници. Се биевме цел ден… До 10 часот попладне паднаа 32-33 комити. Имаше загинато и Турци. Потем, јузбашијата кажувал дека загинале 100-мина…“, се сеќавал подоцна Груев. Знаете нешто за оваа битка? Освен што МИА објави текст за тоа на 27/28 август годинава. А во тие денови, кога околу Смилево се воделе тешки битки, две седмици по епопејата на Мечкин Камен, во Крушево веќе со денови било траурно и мирно.

Арсов се откажува дури на 28 септември

Споменатиот ресенски војвода Славејко Арсов и неговите востаници се борат во текот на целиот септември, кога тој, увидувајќи ја безнадежноста на натамошниот отпор, донел одлука да замине за Бугарија.

„Се сретнав со Груев и му кажав. Секое момче го снабдив со 3-4 леба, месо, сирење и со 24 момчиња, тргнав на 28 септември. Сугарев реши да остане… Се поздравив со Груев и Сугарев во Демир Хисар. Груев беше во манастирот ‘Св. Петар’ (Слимничкиот манастир)“, раскажувал подоцна Арсов. За него, Илинденското востание траело уште еден и пол месец по падот на Крушево.

Претходно, на 21 август (3 септември) имал можност да ги види последиците од османлиската офанзива.

„Меѓу ранетите жени имаше и една погодена во двете нозе, здробени ѝ беа колената… Не ја зедовме во планината, туку ја оставивме блиску над селото, во еден дол, каде што паднала. Таа пиштеше и за да се спаси од маките, реков да ја убијат. Но момчињата не се решаваа, им било грев… До неа седеше едно девојче од 11/12 години, ќерка ѝ…“, се сеќавал Арсов.

Имаат ли за нас овие луѓе друг грев, освен што не се од Крушево и што не загинале до 12-13 август, туку подоцна, па бегаме од нивниот спомен оставен да живее само во пожолтените страници на книгите што не доживуваат нови изданија?

Пандо Кљашев (прв од лево седнат) со Васил Чакаларов (во средината)

Пандо Кљашев, костурскиот соборец на Чакаларов, во своето сведоштво забележал:

„Од 17 септември до 17 октомври Турците безмислосно нè прогонуваа… Продолживме над Апоскеп, во месноста Дулите. Овде, другиот ден, на 30 август имаше деветчасовна битка. Речиси 200 војници уште во мугрите го опколија Апоскеп… Кога ни се доближија, ние отворивме оган… Пукотниците се слушнале и во Костур и тргнала четири илјадна војска да нè нападне“, раскажувал Кљашев.

Лука Џеров, војводата што го предводел неуспешниот напад на Кичево на 21 јули (3 август), запишал дека „на 10 октмври му се стави крај на востанието“. За мнозинството од нас, тој крај е на 12, односно 13 август. Два месеци порано.

Јане почнал на Крстовден – 14/27 септември, Ѓорче се борел на 2 октомври

Јане Сандански не бил воодушевен од идејата за востание. Сепак, решил да ја почитува солунската одлука.

„Два-три дена заседававме во Пиринско и решивме никој да не го вовлекува населението во борба, туку секој да гледа да стори колку може. И тогаш решивме да го кренеме во воздух демирхисарскиот мост, а ако може, да го нападнеме и градот… Датата на востанието кога ќе почнеме со терористички акции беше одредена за 14 септември, Крстовден“, се сеќавал Сандански.

Јане Сандански

Македонската историја не го познава Ѓорче Петров како воин, но таа слика за него се менува токму за време на Илинденското востание. Кон крајот на септември неговата чета во Прилепско се соединува со речиси 120 костурски востаници. Нив ги нарекува херои за разлика од прилепските револуционери, кои ги квалификува како „нашиве баби“. По соединувањето, тој прави план за терористички акции на пругата Лерин – Воден. Истовремено, упатува писмо до Гевгелиско, Воденско и Ениџевардарско и побарал и таму да се преземат слични акции, што значи дека сметал за возможно востанието да продолжи со континуирани акции, надвор од населените места, така како што тоа го замислувале со Делчев. Не успевајќи да го реализира планот, се раздвојува од прилепската чета и со костурчани, севкупно околу 140-150 луѓе, на почетокот на октомври се судрува со турската војска кај с. Чаништа. Во битката учествуваат и други легенди од периодот на првиот Илинден, како Лука Џеров и Лазар поп Трајков, а посебно место во таа битка му припаѓа на Црногорецот Јово Јовановиќ, кој добил и рани. Тоа се првите денови на октомври. Востанието било при крај, но крававело и сè уште траело. 

Денеска е 25 септември, Крстовден, е за два дена и Јане допрва почнувал со своите акции.