Општини
Жителите на Пчиња и околните села бараат решение за чадот од депонијата Краста
Жителите на Пчиња и околните кумановски и скопски села бараат институциите да преземат конкретни мерки за проблемот со чадот од депонијата Краста, посочувајќи дека со месеци се соочуваат со димење и непријатна миризба, особено при палење на отпадот. Депонијата веќе два дена чади и гори. Претседателот на Месната заедница Пчиња, Александар Илиевски, вели дека во изминатиот период до институциите биле доставени повеќе барања и документација.
-Повеќе од шест месеци во село Пчиња се чувствува чад и граѓаните не можат да ги отворат прозорците во летните денови. Имаме седум села со повеќе од 5.000 жители и чадот се чувствува и на оддалеченост од 30 километри- рече Илиевски во име на жителите.
Тој посочи дека жителите имале средби со претставници на Општина Куманово, како и дека се обратиле до Владата и Министерството за животна средина, но, како што вели, институциите меѓусебно ја префрлаат надлежноста за решавање на проблемот.
Илиевски рече дека од претходно договорените мерки, според информациите на жителите, реализирани се само дел од активностите, меѓу кои поставување камери и дел од оградата, но оти оградувањето не е целосно завршено. Жителите стравуваат и за последици по здравјето.
Претставникот на Месната заедница Горно Коњари, Раде Спасовски, рече дека и жителите од ова населено место подолг период се соочуваат со чадот од депонијата.
-Оваа година сигурно 45 до 50 дена сме во ваков чад. Со неколку официјални дописи, еден директно до Владата и до Министерството за животна средина, добивме одговор дека проблемот ќе се санира. Бараме институциите да преземат мерки- рече Спасовски.
Тој посочи и на други проблеми со кои се соочуваат жителите во руралните населени места, меѓу кои и проблеми со водоснабдувањето, додавајќи дека стравуваат дека долготрајното изложување на чад ќе има последици врз животот на населението.
Директорот на ЈП „Чистота и Зеленило“, Сашо Томиќ, вели дека претпријатието презема мерки со ресурсите со кои располага, но дека проблемот со Краста е повеќедецениски и ја надминува неговата техничка и кадровска опременост.
-Депонијата зафаќа огромна површина. Пожарот сè уште не е целосно локализиран, на одредени места има димење и вдлабнатини од кои излегува пламен. Се обидуваме да ги покриеме со земја, а имаме поддршка и од противпожарната бригада- рече Томиќ.
Тој посочи дека уште пред еден до два месеца од повеќе институции било побарано обезбедување помош и опрема, но оти одговорите што ги добиле упатувале дека решавањето на проблемот со депонијата е во надлежност на Општина Куманово.
Томиќ најави и состанок со градоначалникот Максим Димитриевски, на кој, како што рече, треба да присуствуваат и кумановски пратеници и претставници на месното население.
Во летните месеци дневно на депонијата се носат меѓу 75 и 95 тони комунален отпад. Тој кажа дека сè уште нема целосна селекција на отпадот и апелираше граѓаните во контејнерите да не фрлаат шут и друг отпад кој не е комунален. Како долгорочно решение, Томиќ ја посочи регионалната санитарна депонија во Свети Николе, која, според неговите информации, треба да профункционира за околу три до три и пол години. Тогаш Краста би била затворена и би се користела како претоварна станица.
Жителите, пак, бараат институциите да најдат решение во пократок рок, посочувајќи дека проблемот со чадот директно влијае врз секојдневното живеење во Пчиња и околните населени места.
септември 24, 2026
