Вести
Регионалната конференција на обвинители во Скопје – значаен чекор кон зајакнување на соработката при процесирање предмети за воени злосторства
Унапредување на регионалната соработка и координација во постапувањето по предмети за воени злосторства, како и натамошно развивање на механизмите за размена на информации и докази меѓу обвинителствата во регионот, се меѓу клучните дискусии на дводневната регионална конференција на обвинители што заврши во Скопје, а на која Јавното обвинителство на Македонија по првпат беше домаќин на овој форум на високо ниво, на кој беа разгледувани предизвиците во гонењето на воените злосторства и можностите за поефикасна меѓудржавна соработка.
На конференцијата, како што информираше Јавното обвинителство, учествуваа главните јавни обвинители и обвинители кои постапуваат по предмети за воени злосторства од земјите од Западен Балкан, а во рамки на проектот „Поддршка на ЕУ за градење доверба во Западен Балкан“, финансиран од Европската Унија и имплементиран од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).
Во фокусот на дискусиите беа и практичните предизвици поврзани со собирањето и користењето докази во прекугранични предмети, примената на принципот „non bis in idem“ во случаи кои се водат во повеќе држави, како и правните аспекти при евентуално повторно отворање предмети затворени во друга јурисдикција.
На крајот од конференцијата биле дефинирани предлог-заклучоци за понатамошен развој на соработката меѓу обвинителствата во регионот, кои ќе бидат усвоени по нивното целосно усогласување меѓу учесниците.
Државниот јавен обвинител Ненад Савески истакна дека обвинителствата ги обединува заедничката должност во борбата против неказнивоста за најтешките злосторства против човештвото и посочи дека улогата на обвинителите не е само да ги гонат сторителите, туку и да обезбедат правда и заштита за жртвите.
На состанокот присуствувале и претставници на Меѓународниот резидуален механизам за кривични трибунали во Хаг, кои ги запознале обвинителите со начинот на кој ќе се одвива соработката со земјите од регионот по одлуката на Советот за безбедност на Обединетите нации во однос на идниот мандат на механизмот.
Од Јавното обвинителство оценуваат дека конференцијата претставува значаен чекор во насока на зајакнување на довербата и соработката меѓу правосудните институции во регионот при процесирањето на предметите за воени злосторства.
септември 24, 2026
