Connect with us

Вести

Николоски – Абдула ал-Себуси: Постои огромен потенцијал за унапредување на соработката со ОАЕ во авиосообраќајот, инфраструктурата и туризмот

Можностите за унапредување на економската соработка меѓу двете земји, со акцент на ависообраќајот, инфраструктурата и туризмот, биле дел од темите на разговор на денешната средба на вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски со амбасадорот на Обединетите Арапски Емирати во Македонија, Абдула ал-Себуси.

Посебен фокус на средбата бил ставен на можностите за соработка во авиосообраќајот и воспоставување нова авиолинија помеѓу двете земји.

– Исто така, беа отворени и прашањата за инвестиции во транспортната инфраструктура, вклучително и во реализацијата на крупни инфраструктурни проекти, кои имаат регионално значење. Се разговараше и за унапредување на туризмот меѓу двете земји, како и за потенцијалот за инвестиции во туристичката инфраструктура и развој на нови туристички понуди – се вели во соопштението од Министерството за транспорт.

Вицепремиерот Николоски ги потенцирал инвестициските можности и услови што ги нуди Македонија за странските инвеститори посочувајќи ги поволната географска положба на земјата, нејзината поврзаност со регионалните транспортни коридори, како и можностите за реализација на проекти од стратешко и инфраструктурно значење.

На средбата бил истакнат и потенцијалот за воспоставување соработка со компании и инвеститори од Обединетите Арапски Емирати во повеќе стратешки области од значење за Македонија.

Исто така, соговорниците заклучиле дека постои огромен простор за соработка, а целта е во наредниот период да се создаваат услови за реализација на конкретни инвестиции и проекти од заемен интерес.