Connect with us

Свет

Конференција на Европол во Португалија, главна тема кибер-безбедноста

Кибер-безбедноста и развојот на вештачката интелигенција беа најзастапените теми на 17-тата конференција на мрежата на стручњаци на Европол за заштита на податоците во Лисабон.

Учесниците разгледуваа каде треба да се постават границите меѓу иновацијата и нарушувањето на приватноста, оперативната ефикасност и приватноста, како и меѓу безбедноста и правата што ги штитат демократските општества, соопшти денеска Европол.

На настанот присуствуваа повеќе од 170 учесници од цела Европа, вклучувајќи официјални лица од органите за спроведување на законот, службеници за заштита на податоци, претставници на националните органи за заштита на податоци и академици.

Националниот директор на португалската криминалистичка полициска агенција Карлос Кабреиро оцени дека правилната обработка на податоците повеќе не е само административна работа или едноставна вежба за усогласеност со прописите.

– Денес таа е составен дел од современата кривична истрага. Таа е фактор за квалитетот на информациите. Таа е алатка за зајакнување на институционалната доверба и кредибилитетот на доказите – изјави Кабреиро.

Учесниците за време на панелот разговараа за насилничките тенденции на интернет, вклучувајќи ги мрежите познати како „The Com“, и дискутираа за импликациите од овие појави врз спроведувањето на законот и заштитата на податоците.

За време на дискусијата под наслов „Прашање на опстанок“, стручњаците ги разгледуваа специфичните предизвици за заштита на сведоците и специфичните информации во современиот свет.

Завршниот панел беше фокусиран на улогата на службениците за заштита на податоци во помагањето на органите на редот да ги усогласат оперативните барања со етичките предизвици.