Општини
Грозданов: Нов затворен базен како решение за потребите на Кочани
Кочани би можел да добие нов затворен базен, додека општината паралелно работи на решавање на имотно-правните прашања поврзани со постојниот базен.
На последната 18. седница на Советот, градоначалникот Владко Грозданов информираше дека германска компанија изработила и донирала проект за нов објект, со проценета вредност од околу 50 илјади евра, доколку општината го изготвувала проектот во хартиена форма.
Планираниот базен би имал осум пливачки патеки, димензии 30 на 25 метри и услови за пливање, ватерполо и натпревари. Предвидено е да биде изграден на општинска парцела во близина на постојниот базен, рече пред советниците Грозданов.
Според него, идејата е објектот да има поширока спортска намена, односно покрај рекреативно пливање да овозможува услови и за ватерполо и организирање пливачки натпревари.
Од општинската администрација посочуваат дека првично била разгледувана можност за изградба на помал детски базен, но потоа било одлучено да се подготви проект за поголем и мултифункционален објект.
Финансиската конструкција за изградбата во моментов се разгледува на владино ниво.
Според изнесените проценки, изградбата на целосен олимписки затворен базен со димензии 50 на 25 метри би чинела меѓу шест и седум милиони евра, а дополнителен предизвик би биле и трошоците за негово одржување.
Доколку се обезбедат средства, Кочани би можел да добие нов затворен пливачки центар, независно од постапката за решавање на правниот статус на постојниот градски базен.
Во меѓувреме, за стариот базен се прибира документација и се подготвуваат правни чекори за регулирање на сопственичките прашања.
септември 24, 2026
