Connect with us

Општини

Во летниот период најчести се стомачните вируси кај децата, велат од детското одделение во Куманово

Во летниот период бројот на пациенти на детското одделение при Општата болница во Куманово е намален и дневно се движи до околу 50 прегледи, информираше денеска началничката на одделението, д-р Маргица Арсовска. Таа посочува дека во овој период најчесто се лекуваат деца со стомачни вируси, но и со покачена телесна температура, воспалено грло, осипи и алергиски реакции по убоди од инсекти.

-Најзастапени се  стомачните вируси. Децата најчесто имаат повраќање, течни столици, покачена температура и стомачни болки. Имавме и случаи на дехидратација, поради што беше потребна инфузиона терапија, а дел од децата беа и хоспитализирани- изјави Арсовска. 


Меѓу заболените дечиња има и деца кои се вратиле од летување, но поголемиот дел не патувале надвор, како и деца од семејства кои живеат во странство, а престојуваат во Македонија за време на летните одмори. Лекарите апелираат родителите да посветат особено внимание на хигиената и превенцијата.

-Најважно е децата редовно да ги мијат рацете, особено пред јадење и по играње. Треба да внесуваат доволно течности, да се хранат умерено и избалансирано, со повеќе овошје, зеленчук и здрави протеини. Престојот на отворено треба да се избегнува во најтоплиот дел од денот, а просториите да бидат умерено климатизирани, без големи температурни разлики- советува д-р  Аровска. 


Таа препорачува и превентивна употреба на пробиотици, со цел одржување на цревната флора и полесно справување со летните стомачни инфекции. Во пресрет на летните патувања, Аровска советува родителите да патуваат во периоди кога температурите се пониски, децата да бидат заштитени со лесна облека и капа, а за време на подолгите чекања на граничните премини редовно да им се нуди вода и други течности за да се спречи дехидратација.