Connect with us

Општини

Три високи признанија за отец Гаврил Галев за придонесот кон македонската заедница во Австралија

Во организација на Македонската австралиска заедничка организација (MACO), на свечената Илинденска прослава во Мелбурн, на отец Гаврил Галев, игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“ во Кинглејк, му беа врачени три високи признанија како знак на благодарност и почит за неговата повеќедецениска духовна, културна и општествена дејност во македонската заедница во Австралија.

Како што информираат од Австралиско-сиднејската епархија при Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), признанијата му се врачени во знак на благодарност и почит за неговата повеќедецениска духовна, културна и општествена дејност, на настан организиран од Македонската австралиска заедничка организација (МАЦО).

– Признанието од Парламентот на Викторија на отец Гаврил му го врачи пратеничката Натали Хачинс, за неговата континуирана работа, пожртвувана служба и поддршка на македонската заедница во државата Викторија. Признание од Владата на Викторија му предаде министерката Ингрид Стит. Ова признание е доделено во соработка со МАЦО, за неговиот повеќе од дваесетгодишен придонес во работата со младите, зачувувањето на македонската култура, традиција и идентитет, како и за неговото активно општествено ангажирање. Третото признание е од Македонскo-австралиската федерација на пензионери, а му го врачи претседателот на федерацијата, Стојан Јанакиевски, за долгогодишната посветеност, несебична служба и исклучителен придонес во духовниот и културниот развој на македонската заедница во Австралија – стои во соопштението.

Овие три признанија, велат, претставуваат потврда дека долгогодишната и пожртвувана служба на отец Гаврил Галев е високо ценета и препознаена не само од македонската заедница, туку и од институциите на австралиската држава, кои, според нив, го вреднуваат неговиот значаен придонес во зачувувањето на македонското духовно, културно и национално наследство во Австралија.