Скопје
Овој викенд бесплатно кино на отворено во Драчево
Општина Кисела Вода, во соработка со Кинотека на Македонија, овој викенд организира бесплатни филмски проекции на отворено во Амфитеатарот на Домот на културата во Драчево.
На програмата се две познати македонски остварувања во режија на Дарко Митревски:
На 08.08.2026 (сабота), од 20 часот, ќе се прикажува филмот „Бал-Кан-Кан“. Публиката ќе има можност да ја погледне оваа комедија со актерските остварувања на Раде Шербеџија, Ерол Кадиќ и Салаетин Билал.
На 09.08.2026 (недела), од 20 часот, на репертоарот е „Трето полувреме“, филм инспириран од вистински настани, со улогите на Сашко Коцев, Катарина Ивановска, Ричард Самел и Раде Шербеџија.
Влезот за двете проекции е слободен.
-Ги покануваме сите љубители на филмот да ни се придружат со своите семејства и пријатели на оваа викенд-дружба посветена на македонската кинематографија, велат од општината.
август 7, 2026
