Скопје
Нова фитнес зона во ООУ „Мирче Ацев“ во Општина Ѓорче Петров
Во ООУ „Мирче Ацев“ е изградена нова современа фитнес зона, како дел од проектот што се реализира со поддршка на Министерството за транспорт и врски, соопштија од Општината.
Со тоа, како што наведуваат оттаму, Општина Ѓорче Петров продолжува со континуирани инвестиции во спортската инфраструктура, создавајќи современи услови за спорт, рекреација и здрав развој на децата и младите
Новата фитнес зона е една од вкупно трите фитнес зони што се реализираат во рамки на проектот, со што дополнително се унапредува и збогатува спортската инфраструктура на територијата на Општина Ѓорче Петров.
-Во изминатиот период инвестиравме во нови и реконструирани спортски терени, фитнес и калистеника зони, како и во унапредување на училишната спортска инфраструктура. Нашата цел е спортот да биде достапен за сите, а особено за нашите деца и млади. Оваа инвестиција е уште еден чекор во тој континуитет. Благодарност до Министерството за транспорт и врски за поддршката во реализацијата на проектот – истакна градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.
Со поставувањето на современите фитнес реквизити, учениците и младите добиваат функционален простор за физичка активност, вежбање и рекреација, кој ќе биде од корист и за останатите жители на општината.
Од Општина Ѓорче Петров најавуваат дека инвестициите во спортот продолжуваат и во наредниот период, со реализација на нови проекти во училиштата, населбите и постојните спортско-рекреативни комплекси.
август 7, 2026
