Connect with us

Општини

Велешките пожарникари изгаснаа два пожара за помалку од 24 часа, спречена поголема штета

Екипите на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Велес успешно интервенираа на два пожара во изминатите 24 часа, спречувајќи нивно проширување и поголема материјална штета.

Како што информираат од ТППЕ Велес, денеска околу 13 часот била примена дојава за запалени кабли на улицата „Никола Оровчанец“, во близина на игротека во Велес. На местото веднаш било испратено едно противпожарно возило со двајца пожарникари, кои брзо го локализирале и изгаснале пожарот.

Втората интервенција била синоќа во 22:08 часот, кога била пријавена запалена сува вегетација под вливот на реката Бабуна, покрај железничката пруга. И во овој случај, пожарникарите интервенирале со едно противпожарно возило и двајца пожарникари, успевајќи навреме да го изгаснат пожарот и да спречат негово ширење кон околниот простор.

Со брзите интервенции во двата случаи е спречено пожарите да зафатат поголеми површини и да предизвикаат штета врз животната средина, особено во близина на реката Бабуна, едно од најпосетените рекреативни места на велешани.

Од ТППЕ Велес повторно апелираат до граѓаните да бидат особено внимателни во услови на високи летни температури и да не преземаат активности што можат да предизвикаат пожар. Доколку забележат пожар, граѓаните треба веднаш да се јават на бесплатните телефонски броеви 193 или 112.