Култура
Ничевски: Јазикот, книгата и културната меморија се темели што не можат да бидат урнати
Почитувани, Ваше Блаженство г. г. Стефан, почитувана проф. д-р Веселинка Лаброска – претседател на Советот за македонски јазик, почитувани пратеници, претставници на државните институции, почитувани академици, професори, научници, почитувани колеги, драги гости,
Вечерва се собравме на 26 јули – ден што засекогаш остана врежан во колективната меморија на Македонија. Денес се навршуваат години од катастрофалниот земјотрес што во 1963 година го погоди Скопје, одземајќи стотици човечки животи и оставајќи длабоки траги врз градот и неговите жители.
Сепак, 26 јули не е само ден на сеќавање на трагедијата. Тој е и ден кога се потсетуваме на човечката солидарност, на достоинството и на силата со кои Скопје повторно се исправи. Од урнатините никна град што стана симбол на меѓународната хуманост, но и на непокорот на неговите граѓани.
Токму затоа, вечерва, додека им оддаваме почит на жртвите од земјотресот, со особена симболика се навраќаме и кон делото на Свети Климент Охридски и Крсте Петков Мисирков. Зашто кога се соочува со искушенија, еден народ не го одржуваат само градбите, туку и неговата духовност, неговата книга, неговиот јазик и неговата културна меморија. Тоа се темелите што не можат да бидат урнати.
Денес сме собрани во чест на два исклучителни јубилеи што ја осветлуваат духовната и културната вертикала на македонскиот народ – 1110 години од упокојувањето на Свети Климент Охридски и 100 години од смртта на Крсте Петков Мисирков. Двајца великани, разделени од десет векови, а соединети во една иста мисија – да го изградат и зачуваат духовниот, јазичниот и културниот идентитет на својот народ.
Свети Климент Охридски не е само историска личност. Тој е симбол на просветителството, на книжевноста, на образованието и на духовната светлина. Како најистакнат ученик на светите браќа Кирил и Методиј, тој ја продолжил нивната мисија и во Охрид создал еден од најзначајните центри на словенската писменост и култура. Илјадници ученици ја понеле од неговата школа светлината на знаењето, а преку неговите слова, поуки и книжевно творештво се втемелиле вредности што и денес претставуваат темел на нашето културно наследство.
За нас, библиотекарите, Климент е повеќе од светец и просветител. Тој е првиот голем чувар на словото. Во неговото дело книгата не е само предмет, туку живо сведоштво за духовноста, мудроста и човековото достоинство. Секој ракопис, секоја страница што ја чуваме во нашите библиотеки е продолжение на онаа света мисија што започнала токму овде, на бреговите на Охридското Езеро.
Еден милениум подоцна, Крсте Петков Мисирков ја презема истата историска одговорност во сосема поинакви околности. Со научна визија, интелектуална храброст и длабока љубов кон својот народ, тој ја поставува современата мисла за македонскиот литературен јазик, националната култура и просвета. Неговото дело останува трајно сведоштво дека јазикот е најсилниот белег на културниот идентитет и најсигурниот мост меѓу минатото, сегашноста и иднината.
Климент го создава духовниот темел. Мисирков ја зацврстува современата национална културна мисла. Едниот ја шири светлината на словенската писменост, другиот ја брани и научно ја осмислува самобитноста на македонскиот литературен израз. Заедно, тие претставуваат два столба на истата цивилизациска вертикала – словото како вредност, знаењето како слобода и културата како идентитет.
Токму затоа Националната библиотека има особена чест и одговорност да биде чувар на ова наследство. Во нашите депоа,
читалници и дигитални архиви не се чуваат само книги. Се чува меморијата на еден народ. Се чуваат сведоштва за неговите духовни стремежи, научни достигнувања и културна зрелост.
Во време кога информацијата патува побрзо од кога било, нашата задача е да обезбедиме знаењето да остане достапно, проверено и трајно. Да ги зачуваме старите ракописи, но и да создадеме нови дигитални хоризонти. Да го поврземе богатото наследство со идните генерации. Зашто библиотеката не е само место каде што се чуваат книги – таа е храм на паметењето и лабораторија на иднината.
Одбележувајќи ги овие два големи јубилеи, не се поклонуваме само пред минатото. Ние ја обновуваме обврската што ни ја оставиле Климент и Мисирков – да го негуваме знаењето, да го почитуваме јазикот, да ја чуваме културната меморија и да создаваме нови вредности.
Нека нивните дела останат вечна инспирација за сите што веруваат дека идентитетот се гради преку образование, култура и книга.
Во духот на Климентовата просветителска светлина и Мисирковата научна мисла, да продолжиме да ја градиме наша Македонија како земја на знаењето, културата и духовноста.
Ви благодарам.
Говор од Директор на Националната Библиотека, Јовица Ничевски
јули 27, 2026
