Општини
Министерот Стоиљковиќ од Кочани: Србија, на свој трошок, уште еднаш ќе прими на лекување повредени во „Пулс“
Министерот за локална самоуправа, Иван Стоиљковиќ, денеска од Кочани соопшти дека повредените во пожарот во „Пулс“ што беа згрижени и медицински третирани во болници во Србија ќе можат и последната фаза од лекувањето да ја реализираат во медицински установи во таа држава, на начин што сите трошоци за нивното лекување ќе ги покрие српскиот Фонд за здравствено осигурување.
Министерот Стоиљковиќ на почетокот на неделата беше во работна посета на Кочани при што се сретна и со повредени во кочанската дискотека.
– Децата ми рекоа дека лекарите во Србија ги информирале оти доколку до септември не се извршпи и последната хирушка оперативна фаза од лекувањето на изгорениците на рацете, тогаш нивната состојба ќе се искомплицира, дека ќе дојде до задебелување на кожата по што нема да можат да ги движат прстите и рацете. Тоа ми го кажаа полни со недоверба дека нешто ќе може да им се помогне, рече Стоиљковиќ.
Како што информираше, веднаш стапил во контакт со државното раководство на Србија за да побара решение за проблемот со повредените. Брзо му било одговорено дека ги прифаќаат повредените што ја имаат историјата на повредата во болници кај нив, во Србија, и дека целиот трошок го преземаат тие.
– Тоа му го соопштив и на нашиот премиер Мицковски, по што раководствата на двете држави ја започнаа комуникацијата. Министерствата за здравство и фондовите за здравство на Македонија и Србија уште вчера формираа заеднички тимови, кои работат на тоа да се обезбедат сите потребни услови децата да бидат оперирани до почетокот на септември, што не е така лесно. И една рака да профункционира ќе бидеме среќни, иако, нормално, ќе гледаме да им помогнеме на сите, нагласи министерот за локална самоуправа Иван Стоиљковиќ.
Фондовите за здравство на двете држави немаат склучено договори за соработка, така што во поинакви услови повредените од Кочани би морале трошоците за лекување сами да ги сносат.
Прес – конференцијата на Стоиљковиќ се одржа во Општина Кочани, откако тој имаше краток разговор со градоначалникот Владко Грозданов. Двајцата упатија зборови на благодарност за она што Србија уште еднаш го прави за повредени во пожарот од март лани во „Пулс“ .
јули 25, 2026
