Култура
Охрид домаќин на 9. Фестивал на нов европски филм „Beach Film Festival“
Деветтото издание на Фестивалот на нов европски филм „Охрид Beach Film Festival 2026“ ќе се одржи од 21 до 26 јули на пет локации во Охрид, носејќи богата програма со долгометражни, краткометражни, студентски и документарни филмови, како и работилници, мастеркласови и музички настани.
Фестивалот ќе започне денеска со претпрограма на плажата Сараиште, каде ќе бидат прикажани долгометражните филмови „Железна тврдина“ и „Самоуништување“.
Свеченото отворање е закажано за утре на плажата Славија, по што ќе следува проекција на филмот „Being Maria“, дел од официјалната селекција, како и коктел-забава и музичка програма со диџеј. Истата вечер на Сараиште ќе бидат прикажани „Cirkusboy“ од детската селекција и „Impatience of the Heart“ од официјалната програма.
Во рамки на фестивалот ќе се одржува и Работилница за хорор филм во спортската сала на ОСУ „Св. Климент Охридски“, додека мастеркласови се предвидени на бродот „Армада“ и во хотелот „Пела“. Меѓу гостите е и Ана Хут, член на фестивалското жири, која на 23 јули ќе одржи мастерклас на бродот „Армада“.
Програмата во наредните денови вклучува проекции на филмовите „Alpha“, „Hidden People“, „Broken Voices“, „Moon“, „Koma“, „As We Breathe“ и други остварувања од официјалната селекција, како и наслови од детската, студентската и краткометражната програма.
На бродот „Армада“ ќе бидат реализирани и специјални проекции на филмовите „One of Those Days When Hemme Dies“, „No Ghosts on Good Street“ и „The Instinct“, додека во Младинскиот центар Охрид публиката ќе може да проследи циклуси на краткометражни и студентски филмови.
Затворањето на фестивалот е предвидено за 26 јули, кога на плажата Славија ќе биде прикажан документарниот филм „Silyan“, а на Сараиште долгометражните филмови „The Second Diary of Paulina P.“ и „As We Breathe“.
јули 22, 2026

