Култура
Ново издание на меѓународниот музички камп „Етно Македонија“ во Битола
Во Битола почна музичкиот камп „Етно Македонија“, на кој годинава учествуваат млади музичари од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Холандија, Турција, Белгија, Португалија, Шведска и Шпанија.
Младите музичари за време на кампот ќе подготват концертна програма создадена од традиционални песни и мелодии од нивните земји, информираа од Музичкатс младина на Македонија, организатори на кампот.
– Учесниците доаѓаат со по една песна или мелодија од својата музичка традиција, а потоа ја пренесуваат на другите без ноти – преку слушање, повторување и заедничко музицирање. За само неколку дена тие учат да пеат на повеќе јазици, да ги совладаат непознатите ритми и да разберат што раскажува секоја песна: дали станува збор за љубов, славење, разделба, секојдневниот живот или за некоја приказна зачувана со генерации. Работилниците се интензивни, но исполнети со многу смеа, љубопитност и меѓусебна поддршка – информираа организаторите на кампот.
Завршниот концерт на учесниците на кампот е закажан за 23 јули во рамките на 56. издание на фестивалот „Илинденски денови“.
јули 21, 2026


