Connect with us

Општини

На врвот Кадиица на планината Влаина поставен крст висок 3,20 метри

На врвот Кадиица на планината Влаина, кој се наоѓа на 1.932 метри надморска височина, денеска беше поставен крст со висина од 3,20 метри, како резултат на заедничка иницијатива реализирана со поддршка од општествено одговорна компанија, Општина Пехчево и група ентузијасти од градот.

Поставувањето на крстот беше спроведено по претходно организирана акција во која учесниците активно се вклучија во транспортот и монтажата на конструкцијата на самиот планински врв. Поради непристапниот терен и високата надморска височина, реализацијата на проектот бараше значителен ангажман и добра координација меѓу сите вклучени.

Од Општина Пехчево посочуваат дека иницијативата претставува симбол на заедништво, посветеност и негување на духовните и традиционалните вредности на регионот.

Градоначалникот на Пехчево, Александар Китански, изрази благодарност до сите кои придонеле за успешната реализација на проектот.

-Поставувањето на крстот на врвот Кадиица е уште еден доказ дека кога институциите, општествено одговорните компании и граѓаните работат заедно, можат да се реализираат значајни проекти од интерес за локалната заедница. Искрено им благодарам на сите ентузијасти кои несебично го вложија својот труд и време за успешно да се реализира оваа иницијатива. Верувам дека крстот ќе биде препознатлив симбол на Влаина и место кое ќе ги обединува посетителите и љубителите на планината“, изјави Китански.

Со поставувањето на крстот, врвот Кадиица добива ново обележје кое, според локалната самоуправа, ќе има духовно значење и ќе придонесе за промоција на туристичките потенцијали на Пехчево и Малешевскиот регион.

Ad
Ad