Општини
Размена на хрватски и македонски искуства и практики во спроведувањето политики за унапредување на положбата и инклузијата на Ромите
Настан посветен на размена на искуства и добри практики во областа на инклузијата на Ромите, се одржа денеска свечената сала на Владата во организација на министерот и Кабинетот на министерот без ресор, д-р Шабан Салиу, задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030, како дел од континуираните активности насочени кон унапредување на политиките за социјална инклузија, јакнење на институционалната соработка и развивање на регионални и меѓународни партнерства.
На настанот, како што соопштија од Кабинетот на Салиу, присуствуваа претставници од Амбасадата на Република Хрватска, претставници од Парламентот на Република Хрватска, членови на делегацијата, како и претставници од релевантни институции од земјава.
-Посебен придонес во рамки на настанот даде Велјко Кајтази, пратеник во Хрватскиот Парламент и долгогодишен застапник на правата на националните малцинства, особено на ромската заедница. Во рамки на неговото учество беа презентирани искуства и практики од Република Хрватска, со осврт на начинот на кој се спроведуваат политиките за унапредување на положбата и инклузијата на Ромите, се наведува во соопштението.
Во своите обраќања, се додава, учесниците ја истакнаа важноста на континуираниот дијалог, размената на искуства и заедничкото делување во насока на креирање поефикасни политики за подобрување на положбата и можностите за ромската заедница.
Во рамки на настанот беа презентирани искуства и практики од двете земји, со посебен акцент на успешните модели за унапредување на пристапот до образование, вработување, социјална заштита, здравствени услуги и целосна општествена интеграција.
Посебно внимание беше посветено на улогата на институциите, локалните заедници и граѓанскиот сектор во спроведувањето на мерките и активностите предвидени со Стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030.
-Кабинетот на министерот без ресор, Шабан Салиу, продолжува со активностите за унапредување на соработката со домашните и меѓународните партнери, со цел создавање еднакви можности, намалување на нееднаквостите и обезбедување целосна и рамноправна вклученост на Ромите во сите сфери на општеството, стои во соопштението.
јуни 5, 2026

