Connect with us

Општини

Николоски: Во Могила градиме улици, канализациски и водоводни системи, спортски комплекс и градинка

Во Општина Могила во тек е значителен инвестициски циклус вреден околу 700.000 евра, преку кој се реализирани и се подготвуваат повеќе инфраструктурни проекти финансирани од општинскиот и државниот буџет, како и преку програмите на Светска банка, рече денеска заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, при посетата на Општина Могила.

Како што нагласи, во Могила се градат улици, канализациски и водоводни системи, спортски комплекс и градинка.

-Во Општина Могила ќе посетиме неколку проекти што ги работи градоначалникот, дел со средства од буџетот на општината, дел со средства од буџетот на државата, дел преку програмата на Светска банка, изјави Николоски, нагласувајќи дека веќе е реализирана улицата „Гоце Делчев“, наскоро ќе почне изградбата на улицата „Пелагонија“, додека преку проект на Светска банка се работи и на улицата „АСНОМ“.

Во рамки на истата програма, како што напомена, завршени се и улицата „Шемница“ во Могила, како и една улица во селото Трновци.

-Вкупно зборуваме за инвестициски циклус од 700.000 евра во проекти. Драго ми е што реализацијата оди со задоволително темпо и што проектите се реализираат, што ќе значи огромен бенефит за граѓаните, рече Николоски.

При посетата тој се осврна и на останатите развојни проекти во општината, посочувајќи дека е во функција спортски комплекс, а во наредните денови се очекува да биде пуштено во употреба и новото фудбалско игралиште, кое е донација од Фудбалска федерација на Македонија.

-Станува збор за еден голем сет на проекти што мислам дека многу ќе значи за жителите на општината. Ние ќе продолжиме да поддржуваме и да реализираме проекти во наредниот период, истакна Николоски.

Од Општина Могила очекуваат реализацијата на планираните инфраструктурни зафати дополнително да ги подобри условите за живот на граѓаните и да придонесе за локалниот развој.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1