Connect with us

Вести

Сиљановска-Давкова: Културната дипломатија успева да создаде многу потрајни мостови од конвенционалната

Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова, вечерва ги прими и се обрати пред учесниците на 4. Форум за културна дипломатија Скопје 2026, којшто се одржува на тема „Од крстопати кон поврзувања: Културната дипломатија и иднината на глобалниот дијалог“.

Според неа, во свет на конфликти културната дипломатија успева да создаде многу потрајни и подлабоки мостови отколку конвенционалната, традиционална дипломатија.

Таа оцени дека културата е неуништлив пулс на човештвото и најсилна потврда дека креативноста ја надвладува деструктивноста.

За неа, Скопје е жив пример за солидарност, град што низ вековите успеал да ги преживее војните и катастрофите благодарение на духот на неговите жители и подадената рака од меѓународната заедница. Поради своето богато историско, културно и цивилизациско наследство, Скопје е природен избор за Европска престолнина на културата во 2028 година, смета Сиљановска-Давкова.

Претседателката укажа дека културната дипломатија е неопходност во време на кризи.

„Во времиња кога светот лесно посегнува по јазикот на поделбите, наша должност е да го засилиме гласот на културата. Да вложуваме во умовите во коишто се раѓа мирот, да ги почитуваме спецификите на секој народ и да изградиме иднина во којашто културните разлики нема да бидат причина за конфликт, туку мост кон трајно разбирање“, порача Сиљановска-Давкова.

На приемот, насловен „Лидерството и културата како мостови меѓу цивилизациите“, се обратија поранешниот претседател, д-р Ѓорге Иванов, директорот на Институтот за културна дипломатија од Берлин, Марк Донфрид и претседателката на Националната комисија за УНЕСКО на Унгарија и Асоцијацијата на ОН на Унгарија, Каталин Анамарија Боѓај.

Форумот е во организација на Кабинетот на поранешниот претседател на Република Македонија (2009–2019), Меѓународниот центар Алијанса на цивилизациите од Скопје и Институтот за културна дипломатија од Берлин, со поддршка на Министерството за култура и туризам.

Во продолжение е интегралниот говор на претседателката Сиљановска-Давкова:

Почитувани присутни,

Драги пријатели,

Ми претставува задоволство по трет пат да учествувам на Форумот за културна дипломатија. На овој форум прв пат се обратив како пратеничка во Собранието и од тогаш сведочам за моќта на културната дипломатија да ги премостува разликите, да ги поврзува народите и да гради пријателства.

Неодамна, на 23 април, Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ и Амбасадата на Кралството Шпанија ме поканија да го започнам верижното читање на монументалното дело на Мигел де Сервантес, „Дон Кихот“ и со тоа да учествувам на одбележувањето на Светскиот ден на книгата и на авторското право.

Зошто го спомнувам токму овој настан? Бидејќи, во време на геополитички ривалства и на безмилосна трка за профит, културната дипломатија може да изгледа речиси донкихотовски, како наивен сон на грст идеалисти во суров свет којшто се распаѓа.

Но, сметам дека вистината е сосема поинаква. Токму во ваков свет на конфликти и во вакво време на страдања, културната дипломатија успева да создаде многу потрајни и подлабоки мостови отколку конвенционалната, традиционална дипломатија.

Зошто е тоа така? Постојат најмалку две причини.

Првата причина нè води до мислата на големиот филозоф на просветителството Имануел Кант и до неговата „Критика на моќта на судењето“. Кант нè учи дека уметноста, а со тоа и културата, е „целисходност без цел“. Конвенционалната дипломатија премногу често зборува со јазикот на интересот. Токму затоа, зад нејзините прагматични цели, лесно можат да се појават сомнежот и поделбите.

Културната дипломатија е ослободена од тој товар бидејќи не бара ништо за возврат. Таа едноставно се обраќа на човечката душа и дух, создавајќи простор каде што се рушат стереотипите и предрасудите.

На пример, минатата недела присуствував на изведбата на операта „Мадам Батерфлај“ на големиот Џакомо Пучини. Она што даде посебна вредност и убавина беше хармонијата меѓу изведувачите од различни држави. Диригентот Мирон Михаилидис од Грција и режисерот Александар Текелиев од Бугарија, заедно со врвни домашни, македонски уметници, испратија силна порака дека Балканот најубаво се разбира кога создава заедно.

Втората причина за важноста на културната дипломатија ни ја даде Габриел Гарсија Маркес којшто, во својот говор по повод примањето на Нобеловата награда, порача дека „ниту поплавите, ниту епидемиите, ниту гладот, ниту катаклизмите, па дури ни војните низ вековите, не успеаја да ја совладаат упорноста на животот пред смртта. Културата е врвниот израз на таа упорност“.

Со други зборови, културата е тивкиот, напати невидлив, но неуништлив пулс на човештвото и е потврда дека креативноста ја надвладува деструктивноста. Ако бараме жив, опиплив доказ за оваа вистина, нема потреба да гледаме подалеку од градот во којшто се наоѓаме денес: Скопје, градот на солидарноста.

Скопје во своите пазуви со векови грижливо ги чува и ги напластува слоевите на историјата, културата и уметноста, оставени од бројни цивилизации коишто оставиле свој белег. Овој град ги даде царот Јустинијан и Мајка Тереза. Тука, зографите во Св. Пантелејмон ги рушеле византиските канони и ја навестувале ренесансата. Скопје бил опеван од Евлија Челеби и од европските патописци. Впрочем, дел од тоа наследство е вградено и во величествените мозаици на големиот македонски уметник Глигор Чемерски, од Големата мајка и Адам од Говрлево, преку Скопското кале и Камениот мост, па сè до просветителите и уметниците.

Може да се каже дека овој наш град низ вековите преживеал сè. Неговите ѕидини и мостови, улици и сокаци, цркви, синагоги и џамии паметат и војни, и чуми, и пожари и земјотреси. Но, по секој пад, Скопје одново се раѓало, благодарение на неуништливиот дух на неговите жители и на подадената рака од нивните соседи, а по 1963-та и од Обединетите нации. Токму затоа, овој град е природно место да биде европска престолнина на културата за 2028 година.

Драги пријатели,

Културната дипломатија не е луксуз за мирни времиња. Таа е неопходност, единствениот преостанат светилник во времиња на криза. Како што забележа ориенталистот Едвард Саид: „Културата е начин на борба против заборавот, бришењето и историското насилство. Таа му овозможува на еден народ да ги потврди своето присуство, својот здрав разум и своето непоколебливо право на човечко достоинство“.

Оваа одбрана на достоинството преку културата не е изолиран чин, таа е првиот и најважен чекор кон вистински дијалог. Културата не живее во договорите, туку во свеста на поединецот. А токму таму се кршат копјата на судирот и на разбирањето.

Како што е запишано во Уставот на УНЕСКО: „Бидејќи војните започнуваат во умовите на луѓето, токму во умовите на луѓето мора да се гради одбраната на мирот… [Мирот] мора да се заснова, ако не сакаме да пропадне, на интелектуалната и моралната солидарност на човештвото“.

Културната дипломатија ни помага да ја ковеме таа интелектуална и морална солидарност. Во времиња кога светот лесно посегнува по јазикот на поделбите, наша должност е да го засилиме гласот на културата. Затоа, да не дозволиме светилникот да згасне. Да вложуваме во умовите во кои се раѓа мирот, да ги почитуваме спецификите на секој народ и да изградиме иднина во која културните разлики нема да бидат причина за конфликт, туку мост кон трајно разбирање.

Ви благодарам.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1