Connect with us

Вести

Форум: Културната дипломатија е сериозен инструмент на државно позиционирање, градење партнерства и на долгорочно влијание

Културната дипломатија често се опишува како мека моќ, но во денешниот свет таа воопшто не е мека во своето значење. Таа е сериозен инструмент на државно позиционирање, на градење партнерства и на долгорочно влијание. Kултурната дипломатија е најчовечката форма на дипломатија и нејзината задача е да ја врати човечката димензија во меѓународните односи, да потсети дека зад секоја држава стојат луѓе, зад секоја политика искуства, а зад секој идентитет историја, јазик, култура и достоинство.

Ова беше посочено на 4. Форум за културна дипломатија Скопје 2026 кој свечено е отворен денеска во  Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, насловен „Од крстопати кон поврзувања: Културната дипломатија и иднината на глобалниот дијалог“. Го организираат Кабинетот на поранешниот претседател на Република Македонија Ѓорге Иванов, Меѓународниот центар Алијанса на цивилизациите од Скопје и Институтот за културна дипломатија од Берлин, со поддршка на Министерството за култура и туризам и Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

Поранешниот претседател Ѓорге Иванов истакна дека Македонија во светот денес е седум-осмискиот тритам кој нашите музичари го шират.

-Македонија е фолклорот што е присутен и Македонија е јазикот на кој се богослужбите во црквите. Македонија е многу повеќе од тоа што го кажуваат нашите институции или нашите книги, посочи Иванов.

Шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски во своето обраќање посочи дека оваа тема не е споредна во меѓународните односи, туку е една од најважните во нашето време.

– Во свет кој станува сè понестабилен, сè по непредвидлив и сè погласен, прашањето не е само кој има поголема моќ. Прашањето е кој има поголема кредибилитет, Не е само кој може да влијае врз одлуки, туку тој кој може да гради доверба. Не е само кој може да ја брани својата позиција, туку кој може да ја објасни својата приказна на начин што другите сакаат да ја слушнат, разберат и почитуваат, рече Муцунски.

Токму тука, посочи тојм започнува значењето на културната дипломатија, која, како што рече, често се опишува како мека моќ, но во денешниот свет таа воопшто не е мека во своето значење, туку  сериозен инструмент на државно позиционирање, на градење партнерства и на долгорочно влијание.

-Затоа што армиите можат да обезбедат безбедност. Економиите можат да создадат можности, институциите да произведат правила, но довербата помеѓу народите се гради преку луѓе, идеи, култура, образование, размена и почитување. А довербата е најскапиот капитал во денешната дипломатија. Живееме во време во кое светот е технички поврзан повеќе од било кога, но политички, општествено и емотивно често, често изгледа подлабоко оддалечен. Имаме повеќе информации, но не секогаш повеќе разбирање. Имаме побрза комуникација, но не и подобар дијалог. Имаме сè повеќе платформи за говор, но сè помалку простор за слушање, рече Муцунски.

Во една таква реалност, додаде тој, културната дипломатија има задача која е едноставна и тешка, да ја врати човечката димензија на меѓународните односи.

– Во современиот свет влијанието на една држава не се мери единствено според нејзината големина, не се мери само според бројките во буџетот или според територијата или бројот на население. Сè повеќе се мери според способноста на една држава да инспирира доверба, да создава идеи, да гради партнерства, да биде препознаена како предвидлив, сериозен и вредносно јасен партнер. И тоа е особено важно за земја како нашата. Ние не сме голема држава, но нашата приказна воопшто не е мала. Ние сме земја со длабоки културни слоеви, со силен идентитет, со јазик и традиција кои се дел од европската културна мапа. Ние сме земја во која различностите не се само теоретски концепт, туку наша секојдневна реалност. Земја која низ својата историја научила дека идентитетот, дијалогот и соживотот не се спротивставени категории. Напротив, тие можат да бидат дел од една иста политичка зрелост, нагласи Муцунски.

Додаде дека нашата задача денес е таа приказна да ја кажуваме посамоуверено, не агресивно, но не и дефанзивно, не со чувство дека постојано треба да се докажуваме, туку мирно, достоинствено и со јасна свест за тоа кои сме и што претставуваме.

Тој истакна дека Балканот многу често бил опишуван преку своите конфликти, поделби и недоверба и тоа е дел од нашата историја, но исто така не смее да биде дел од нашата судбина.

-Балканот многу често бил и регион којшто имал и друга приказна. Приказна на културни допири, трговски патишта, заеднички простори, различни традиции и луѓе кои со векови живееле блиску едни до други, понекогаш со тензии, но многу почесто со размена, со адаптација и со взаемна почит, рече Муцунски.

Според него, во 21 век зрелоста на регионот нема да се мери според тоа дали имаме различни погледи кон минатото, туку според тоа дали тие различни погледи ќе ги претвориме во постојан конфликт или во основа за меѓусебен разговор.

-Историјата не смее да биде алатка за блокирање на иднината. Таа треба да биде простор за знаење, за разбирање и за почитување на фактот дека народите понекогаш делат заеднички историски процеси, но имаат различна меморија за истите и тоа е нормално. Тоа е европски, тоа е цивилизирано. Културната дипломатија може да помогне токму тука, не затоа што таа ги решава сите политички проблеми, не ги решава, но создава атмосфера во која проблемите може да се решаваат со помалку страв, помалку предрасуди и многу повеќе почит. Таа создава мостови пред да се изградат договорите, создава доверба пред да се усогласат позициите и создава разбирање пред да се напише заедничко соопштение, посочи шефот на дипломатијата.

Според него, во време кога јавниот дискурс насекаде станува сè поостар, кога дезинформациите ја подкопуваат довербата, кога поларизацијата станува политичка алатка, демократијата мора да се брани не само институционално, туку и културно со образование, со критичко мислење, со медиумска писменост, со почит кон фактите, со јавен простор во кој аргументот има поголема вредност од навредата.

– Тоа е демократска култура и токму затоа демократијата и културната дипломатија се меѓусебно поврзани. Двете почиваат на една иста идеја дека луѓето и општествата можат да разговараат, да се разликуваат, но сепак да имаат капацитет да градат заедничка иднина. Во тој контекст, искуството на Соединетите Американски Држави е особено значајно. Американската глобална улога не се градела преку сила, економија или сојузи. Таа се градела и преку универзитети, научни центри, културна продукција и иновација, медиуми, филм, музика и преку една силна идеја дека слободата и креативноста и можноста да се инспирираат луѓето низ целиот свет произведува резултати. Од Фулбрајт програмите и академските размени до Харвард, Колумбија, Стенфорд, Силиконската долина и глобалната креативна индустрија. Американската културна моќ покажала дека идеите можат да патуваат многу подалеку од границите на државата, рече Муцунски.

На крајот, посочи тој, културната дипломатија е најчовечката форма на дипломатијата и таа не започнува со прашањето што можеме да добиеме едни од други, туку започнува со прашањето како можеме подобро меѓусебно да се разбереме, а кога народите подобро се разбираат, државите полесно соработуваат.

-Кога културите комуницираат, политиката има повеќе простор за решение. Кога идентитетите се почитуваат, иднината станува помалку заробена од минатото. И тоа е пораката што денес од Скопје сакаме да ја пратиме дека демократијата има потреба од култура, дека дипломатијата има потреба од повеќе доверба и дека светот повеќе од било кога има потреба од дијалог кој што не е слабост, туку е сила, заклучи Муцунски.

Никол Варнс, вршител на должност амбасадор во Амбасадата на САД, истакна дека во оваа средина на брзи технолошки предизвици, културата е поважна од кога и да било и е првиот јазик што го споделуваат луѓето, гради разбирање и го премостува јазот.

-Се среќаваме во моменти на стратешки конкуренција, брзи технолошки предизвици и информациски простори. Во оваа средина, културата е поважно откога било, културата е првиот јазик што го споделуваат луѓето, дури пред влади да потпишат договори или институциите да формализираат партнерства. Културната дипломатија гради разбирање таму каде што недоразбирањето започнува. Таа создава простор за дијалог, таму каде што политиката не може да допре. Таа докажува дека дури и кога не се согласуваме, споделените вредности и меѓусебното почитување може да го премостат јазот, рече Варнс.

Додека Соединетите Американски Држави се приближуваат кон својата 250-та годишнина, рече Варнс, размислуваме за она што не одржало – иновациите, креативноста, отпорноста и храброста да се обновиме.

-Низ целата наша дипломатска историја сме соработувале со нации кои ги делат овие зaлoжби, а кога место го демонстрираат, тоа партнерство помогна од овде. Скопје отсекогаш се наоѓало на раскрсницата на цивилизациите, културите и идеите. Денес вие ја отелотворувате темата на овој форум „Од раскрсница до врски“. Вие не само што сте сведоци на средбата на културите, туку активно градите врски меѓу нив, рече таа.

Варнс потсети дека повеќе од три децении нашите земји го зајакнуваат образованието и ги прошируваат можностите и ги продлабочуваат врските меѓу луѓето.

-Ги изградивме овие достигнувања преку училници, културни програми, академски размени и уметничка соработка. Многумина од вас помогнаа да се напише таа приказна. Кога студентите студираат во Соединетите Американски Држави, тие се враќаат со свежи перспективи што ги трансформираат нивните заедници. Кога луѓето ги споделуваат своите традиции, тие откриваат што ги прави единствени и што ги обединува, рече амбасадорката на САД.

Според неа, културната дипломатија го обновува она што политиката често го еродира – довербата и отворената комуникација.

-Не можете да преговарате се доверба преку ноќ ја развивате преку одржлив ангажман вкоренет во меѓусебно почитување. Додека Скопје се подготвува за својата улога како европска престолнина на културата 2028, вие покажувате како културата катализира иновации. Ја поттикнува економската виталност и го продлабочува меѓународниот ангажман. Ја позиционирате Македонија како лидер во унапредувањето на културното богатство на Европа, на што САД гордо го поддржуваат. Заедно докажуваме дека културата станува една од нашите најмоќни алатки за збогатување на нашите нации и народи, рече Варнс.

Културната дипломатија, нагласи таа, во крајна линија се фокусира на луѓето – млади лидери кои откриваат нови можности, уметници кои раскажуваат приказни што ги преминуваат границите, едукатори, едукатори кои ги обликуваат ангажираните граѓани и општества кои избираат поврзување наместо поделба. 

Иван Иванов, претседател на Извршниот одбор на Меѓународниот центар Алијанса на цивилизациите, ко-организатор на настанот, во воведното обраќање посочи дека денешниот свет е соочен со тешка импровизација – се множат војни, кризи.

-Меѓународниот поредок е ставен на тест. Генералниот секретар на Обединетите нации се прашува дали може да опстои мултилатералната архитектура, дали моќта сè уште може да се потпре на одговорност, рече Иванов.

Тој оцени дека културна дипломатија е мека моќ со која ќе се одговори на тешка, односно строга реторика.

-Технологијата ги дава своите предности, меѓутоа културата се задржува на вредностите, убавината, подобар свет, подобра иднина. За некои културата е само протоколарна работа, само пауза меѓу сериозни работа. Културата е духот на општеството и одраз на она што вистински веруваат луѓето. Кога моќта е прегласна, тогаш настапува културата. Можеби тоа е нешто најдоброто што Америка може да му го понуди на светот, да верува дека критиката не е предавство, дека разновидноста може да биде моќ и дека во промената е моќта, рече Иванов.

На Форумот учествуваат дипломати, политичари, експерти, уметници и јавни личности од Македонија, САД, Германија, Франција, Унгарија, Словенија, Хрватска, Србија и Црна Гора.

Во рамки на Форумот ќе се одржат повеќе тематски сесии и настани во институции од државно и културно значење. Во Кабинетот на претседателката на државата ќе се одржи сесијата „Лидерството и културата како мостови меѓу цивилизациите“, на која свое обраќање ќе има претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Во Собранието ќе се одржи сесијата „Улогата на демократските институции во културниот дијалог: Од претставување до кохезија“, со обраќање на претседателот на Собранието, Африм Гаши. На сесијата ќе учествуваат повеќе домашни и меѓународни говорници и претставници од областа на политиката, културата и дипломатијата.

Предвидена е и посебна сесија посветена на културата, креативноста, културната дипломатија и „Скопје 2028 – Европска престолнина на културата“, организирана во соработка со Министерството за култура и туризам и Град Скопје. Во рамки на оваа сесија, која ќе се одржи во Музејот на Град Скопје, свои обраќања ќе имаат министерот за култура и туризам Зоран Љутков и градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, по што ќе следува панел-дискусија на тема „Визија за иднината: Скопје 2028 и моќта на креативноста“, на која ќе учествуваат истакнати македонски уметници, културни работници и јавни личности од областа на театарот, музиката, литературата и современата уметност. 

Во пресрет на свеченото отворање на Форумот за културна дипломатија Скопје 2026, во претседателската „Вила Водно“ вчеравечер беше организиран прием за учесниците со обраќање на претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова која го истакна значењето на културната дипломатија.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1