Вести
Мицкоски: Сегашната Влада е 2,5 до 3 пати поуспешна од претходната, нема ново задолжување од 350 милиони евра во јуни
Премиерот Христијан Мицкоски денеска на седницата за пратенички прашања оцени дека според податоците од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) актуелната Влада е 2,5 до 3 пати поуспешна од претходната влада.
– Нема да има ново задолжување од 350 милиони евра во јуни, рече Мицкоски посочувајќи дека со последното задолжување од 260 милиони евра ќе се доплати делот од еврообврзницата од 700 милиони евра и оти на тој начин ќе се намали и бруто и нето задолжувањето.
Според податоците на ММФ, како кредибилна меѓународна институција, рече Мицкоски, во периодот на претходната влада на СДСМ и ДУИ од 1 јануари 2018-та јавниот долг изнесувал 4 милијарди 787 милиони евра, а на 31.12.2023 година 8 милијарди 477 милиони евра. Нето задолжување од 3,69 милијарди.
– Владата на ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ: на 1 јануари 2025-та – 9 милијарди јавен долг 619 милиони евра, и како што кажа вашиот колега пратеник, претпоставуваме, бидејќи тој вели дека ќе дојдеме до 11 милијарди, но нема да дојдеме. Тој вели дека ќе дојдеме, но еве јас велам нема да дојдеме, но еве како што вели тој — да биде така, 11 милијарди. Нето задолжување: 1 милијарда 381 милион евра, наведе Мицкоски.
Номиналниот бруто домашен производ на 1 јануари 2018-тата година, како што посочи, изнесувал 11 милијарди 340 милиони евра. На 31 декември 2023-тата, номиналниот бруто домашен производ изнесувал 15 милијарди 860 милиони долари, или вкупно успеале за период од 6 години да додадат вредност на номиналниот бруто домашен производ од 4,52 милијарди долари, а државата ја задолжиле за 3,69 милијарди евра, за истиот тој период од 6 години.
– Оваа Влада еве, ваква, таква, никаква, потаква како што тие викаат „не ја бива“ – на 1 јануари 2025-тата година, номинален бруто домашен производ од 16 милијарди 950 милиони евра, на 31 декември, претпоставка според Меѓународен монетарен фонд, а и според буџетот како е креиран, 21 милијарда и 610 милиони евра. Додадена вредност од 4 милијарди 660 милиони евра. Разликата меѓу нивните 6 години и овие 2 години е 140 милиони во корист на оваа Влада. Притоа, се задолжила за 1 милијарда 381 милион евра. Што излегува? Додадената вредност за период од 2 години е поголема од таа за 6 години, а долгот е речиси два и пол до три пати помал, рече Мицкоски.
Сето ова, посочи премиерот, е во услови кога имаме епска енергетска криза. – Да, годинава треба да вратиме близу три милијарди евра, да презапишеме 900 милиони евра стари долгови, 700 милиони евра еврообврзница, буџетски дефицит 650 до 700 милиони евра и околу 320-330 милиони евра се камати кои во 2017 година беа трипати помали и односно беа 110 милиони евра, рече Мицкоски.
Коментирајќи ги тврдењата за зголемување на буџетскиот дефицит, оцени дека „со ова историско високо ниво на капитални инвестиции“, буџетскиот дефицит ќе биде помал од тој што бил претходно.
Тој порача дека „Владата ќе го реши и заврши проектот кој бил најголем генератор на дефицитот“ – изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10д што го реализира конзорциумот „Бехтел и Енка“.
Заклучно со денеска, информира Мицкоски, вкупниот дефицит на приходите коишто ги собира државата, а каде што не се содржани сопствените приходи на институциите, е околу 28-29 милијарди денари, односно околу 168 милијарди, заклучно со вчера се потрошени, а собрани се 138 милијарди.
– Најголемиот драјвер, најголемиот генератор е проектот за којшто честопати мене ме повикуваат дека сум кажал, кога сум бил опозиција, дека е криминален, дека е манипулативен и така натаму, а тоа е проектот којшто се однесува на коридорите 8 и 10д, односно познат во јавноста како „Бехтел и Енка“. Не знам зошто мислат дека јас сум го променил тоа мислење. Истото ќе ви го кажам. Да, криминален е. Да, манипулативен е. Нетранспарентна процедура, злоупотреба на европско знаме, да. Така е проектот. Не сум го сменил. Но што треба да правиме, да ги оставиме тие 350 милиони евра што ги дадоа како аванс, на граѓаните пари, и да го напуштиме проектот како што кој било друг таков проект напуштија? Напротив, нашата задача како Влада е да се грижиме за парите на граѓаните и што е можно побргу да ги завршиме проектите за да можеме да ги враќаме долговите коишто тие ги оставиле. И најголемиот генератор на буџетскиот дефицит е токму тој проект, рече Мицкоски.
Тој проект, појасни, повеќе не е во Министерството за транспорт, туку е во Јавното претпријатие за државни патишта.
– И да, ќе генерира јавен долг, но поради вештите преговарачки способности на Владата, цениме дека нема да биде со тој интензитет генерирањето на јавниот долг, каков што ќе биде интензитетот на креирање на додадена вредност на македонската економија. И нема повеќе да има товар буџетскиот дефицит, како резултат на овој проект, а проектот на терен ќе се работи, посочи премиерот, кој се осврна и на реалните пробелми со кои се соочила новата Влада кога го презела овој проект и наведе дека на терен веќе има активности и прогрес во изградбата, рече премиерот.
Мицкоски, меѓу останатото потенцираше и дека во услови на, како што рече, епска енергетска криза Владата го намали ДДВ-то и акцизата на горивата, како и дека според наплатата на даноците има зголемување на платата и оти се намалува бројот на вработените.
мај 28, 2026
