Connect with us

Свет

Стармер: Неприфатливо е што не бев информиран за Манделсон

Британскиот премиер Кир Стармер денеска изјави дека е „неприфатливо“ и „зачудувачки“ што не бил информиран дека поранешниот британски амбасадор во САД, Питер Манделсон, не ја поминал безбедносната проверка, а дека одлуката подоцна била поништена од британското Министерство за надворешни работи.

Според Скај њуз, Стармер рекол дека е „апсолутно бесен“ поради прекинот во комуникацијата, нагласувајќи дека ниту тој, ниту другите министри, ниту кабинетот на премиерот, не биле запознаени со случајот.

„Не бев информиран дека не ја поминал безбедносната проверка, ниту еден министер не бил информиран, ниту Даунинг стрит бил запознаен со тоа, што е целосно неприфатливо“, рече Стармер.

Тој остро ги критикуваше надлежните служби, истакнувајќи дека „е целосно неприфатливо што премиерот кој ја донесува одлуката за назначувањето не е информиран за неуспешната безбедносна проверка“.

Стармер најави дека во понеделник ќе ги презентира сите релевантни факти пред парламентот „со целосна транспарентност“.

Претходно денеска, високиот британски министер Дарен Џонс изјави дека Стармер не размислува да поднесе оставка и покрај новиот политички спор околу назначувањето на Питер Манделсон за амбасадор во САД.

Џонс за Би-би-си изјави дека Стармер не го „заблудил“ парламентот кога рекол дека „била почитувана соодветната постапка“ за време на назначувањето на Манделсон, нагласувајќи дека безбедносните проверки биле спроведени во согласност со нормалната постапка.

Според него, безбедносните служби во Обединетото Кралство вршат проценки и даваат препораки, додека конечната одлука за назначувањето ја донесува Министерството за надворешни работи, што и беше направено во овој случај.

Спорот избувна откако беше откриено дека Манделсон не ја поминал безбедносната проверка, но таа одлука подоцна беше поништена од британското Министерство за надворешни работи.

Џонс оцени дека практиката на поништување на одлуките за верификација е „неприфатлива“, но нагласи дека тоа не го менува фактот дека, според тогаш важечката постапка, обраќањето на премиерот пред парламентот било точно.

Највисокиот британски државен службеник во Министерството за надворешни работи, Оли Робинс, ќе поднесе оставка откако неговиот оддел не го информираше Стармер дека Манделсон не ги поминал безбедносните проверки за амбасадорската функција на САД.

Како што објави Би-би-си, Стармер и шефицат на британската дипломатија, Ивет Купер, ја изгубија довербата во Робинс, кој „практично беше отстранет од функцијата“.

Британската влада потврди дека Министерството за надворешни работи постапило спротивно на препораката на безбедносната агенција и му дозволило на Манделсон да ја преземе функцијата и покрај тоа што не успеал во процесот на проверка.

Маркетинг
Ad 1
Ad 4