Општини
Николоски: Во Пелагонискиот Регион има инфраструктурен бум
Во Пелагонискиот Регион се случува инфраструктурен бум и тоа е нешто што ќе продолжиме да го работиме – истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на средба со стопанственици од регионалните стопански комори на Битола и Прилеп.
Информирајќи за тековните и најавувајќи нови проекти, Николоски нагласи дека единствена цел на Владата е да се развива стопанството и токму затоа пелагониските општини се помагаат со сериозни суми средства.
– Проектите заеднички ги градиме и со единствена цел да се развива стопанството затоа што навистина во овој регион се случува инфраструктурен бум и тоа е нешто што ќе продолжиме да го работиме. Сакам да најавам три нови проекти, а тоа е обиколница кај градот Прилеп, проект што го работиме со градоначалникот на Прилеп, чија обврска е да го заврши проектирањето, а моја и обврска на Владата е обиколницата да се изгради со цел товарниот сообраќај се извади надвор од градот, вториот проект е топловодот, парно за градот Битола, проект што е во сериозна фаза, и третиот проект е гасификацијата. Ние имаме огромни проекти за овој регион, а дополнително ги помагаме општините со сериозни суми средства – беа определени 250 милиони евра за општините, средства за дополнителни проекти – посочи Николоски.
Во изјава за медиумите вицепремиерот и министер за транспорт потврди дека активирањето на железничката пруга кон соседна Грција е во застој, пред сè, поради кризата во железничкиот систем во Грција.
– Железничката пруга кон Грција е проект во застој. Јас разговарав со тројца министри за транспорт од Грција и бев информиран дека пругата не е во добра состојба, особено по железничката несреќа што им се случи пред две години, каде што имаше многу жртви. Нивниот железнички систем е во криза и директно ни беше одговорено дека во овој момент немаат средства за да ја репарираат пругата, што значи во блиска иднинане може да се очекува отворање на овој премин, но не поради нас, туку поради Грција – посочи Николоски.

Барањата на пелагониските стопанственици ги соопшти Мирко Велковски, претседател на Регионалната стопанска комора, со седиште во Битола. Според Велковски, владините инвестиции и проекти треба да продолжат затоа што тоа е од интерес на регионот, кој има 8.000 правни субјекти и е регион кој минатата година ја заврши со 3 отсто економски раст и 5 отсто зголемен извоз.
– Сакаме да продолжиме со инвестиции и затоа е потребна владина помош за пет клучни работи во овој регион, а тоа се подобрување на инфраструктурата со акцент на патниот правец Битола – Прилеп, реализација на автопатот Дреново – Прилеп, изградба на обиколница Битола – Ники (Република Грција), со што ќе се поврзиме на делницата Д10 и патот Виа Игнатија, изградба на обиколница Ресен – Охрид и изградба на железничката инфраструктура со модерна пруга од Битола преку Ники, Лерин, до Солун. За овој регион е значаен и гасоводот бидејќи без гасификација нема да можеме економски да се развиваме – нагласи Велковски.
За стопанскиот развој на Пелагонискиот Регион денеска во Битола заеднички информации со градоначалниците и бизнисмените споделија Марјан Ристески, заменик-министер за економија и труд, Николче Јанкуловски, заменик-министер за финансии, и Коце Трајановски, директор на ЈП за државни патишта.
април 16, 2026

