Општини
Министерот Хоџа го отвори МЕФ 2026 и повика на забрзана зелена транзиција на регионот
Министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа се обрати на отворањето на Македонскиот енергетски форум 2026, кој годинава се одржува како официјален партнерски настан на иницијативата „Road to COP31“.
Во своето обраќање, министерот Хоџа истакна дека енергетската безбедност и климатската отпорност денес се тесно поврзани предизвици и нагласи дека форумот претставува важна платформа за отворање на клучните прашања и за изнаоѓање конкретни решенија за енергетската транзиција.
-Климатските промени веќе ги чувствуваме преку суши, пожари, топлотни бранови и зголемена енергетска неизвесност. Затоа денес не зборуваме само за стратегии, туку за безбедност, стабилност и квалитет на животот на граѓаните – порача министерот Хоџа.
Тој нагласи дека Северна Македонија останува силно посветена на Зелената агенда и европските климатски цели, но дека нивното исполнување бара соработка, инвестиции и заедничка акција. Според него, MEF има посебна важност бидејќи создава простор за регионална соработка со конкретни проекти.
– Време е Западен Балкан да не биде само дел од разговорите за климатската иднина, туку и активен учесник во решенијата. Потребни се храбри и одговорни одлуки, претворање на политиките во инвестиции и остварување на визијата за зелена транзиција во реалност што ќе ја почувствуваат сите граѓани – истакна министерот.
На крајот од обраќањето, министерот изрази уверување дека препораките од овогодинешниот Форум ќе дадат значаен придонес кон глобалната климатска агенда и процесот на подготовка на COP31.
Фатма Варанк, заменик-министерка на Турција за животна средина, урбанизација и климатски промени, истакна дека прашањата коишто денес ќе ги дискутираме се уште порелевантни и ургентни од било кога претходно.
Таа рече дека климатските промени не се веќе теорија, туку реалност којашто ги обликува денешните безбедносни, сигурносни политики на глобално ниво.
– Како што може да увидиме од податоците од Националната агенција, глобалната побарувачка се зголеми за 1,3 проценти во 2025 година, додека пак побарувачката за струја падна за околу 3 проценти. Ова е реалноста со којашто ние се соочуваме. Оваа зголемена побарувачка се одвива во ек на засилен процес на дигитализација, па ова се гледа не само како нужност, туку и како клучен столб на економскиот раст, конкурентноста, како и регионалната стабилност. На страната на инвестициите, можеме да кажеме дека гледаме јасна глобална насока на движење и во овие периоди на набљудување, глобалните енергетски инвестиции се очекува да стигнат 3,4 трилиони американски долари во 2026 година, со околу 2,3 трилиони од оваа огромна сума коишто ќе бидат насочени кон чиста енергија, складирање, како и енергетска ефикасност, рече таа.
Оваа значителна промена, потенцираше, јасно укажува на тоа дека безбедноста како и чистата транзиција не се нешто коешто одвоено се одвива, туку се неразделни делови од иста иницијатива.
-Ги зголемуваме инвестициите во обновливи извори, ја зајакнуваме енергетската ефикасност, како и ги засилуваме практиките на циркуларната економија, а нашите градови ги правиме поотпорни на ефектите од климатските промени. Меѓутоа, знаеме дека нашиот успех во претстојниот период нема да биде определен само од воспоставување на обновливи извори, туку мораме истовремено да ги диверзифицираме нашите извори на енергија и да ги направиме нашите системи попаметни, меѓуповрзани и уште поотпорни, посочи Варанк.
јуни 2, 2026
