Connect with us

Останати спортови

Миленкоски: Европската лига ја сфаќаме сериозно

Со нова енергија и нови лица, но и дел од поискусните машката сениорска одбојкарска репрезентација во Крушево ги започна подготовките за учеството во Европската лига 2026. Селекторот Јошко Миленкоски прозиваше, а на првиот состанок се појавија 18 одбојкари, поголемиот дел од нив првпат во А – селекцијата, на кои се гледа како дел од иднината на тимот.

–   Почнуваме една седмица порано од предвиденото, со подмладен состав, што е пракса во Европа и во светот во овој период од подготовките со оглед на тоа дека голем дел од играчите со статус на ’интернационалци‘ и натаму имаат клупски обврски. Ќе ја темпираме форма прво за пријателските натпревари со Црна Гора на крајот на мај, а потоа и за Европската лига, изјави Миленкоски.

За разлика од претходните години кога учеството во Европската лига се сметаше како подготовка за некое друго натпреварување, сега сериозно се сфаќа ова учество, особено поради фактот дека е прв дел од квалификацискиот циклус за пласман на Европското првенство 2028 година.

–    Европската лига ја сфаќаме сериозно, како прв дел од циклусот за следното Европско првенство во 2028 година, а истиот пристап несомнено ќе го имаат и другите репрезентации. Европската лига нема да биде само тест или подготовка за некое друго натпреварување, туку сега многу посериозно ќе гледаат сите кон неа и ќе биде многу поквалитетна, но таа носи и голема задача – пласман на ЕП 2028. Противниците на турнирите се познати и имате ривали како Холандија, Израел и Грција, чии квалитет ни е добро познат и ќе се обидеме да извлечеме што подобар резултат во дуелите со нив. Од друга страна оптимисти сме дека против Исланд, Косово и Луксембург може да запишеме победи, со оглед на тоа дека важиме за фаворитите во натпреварите со нив, истакна селекторот.

Според најавеното интернационалците Никола Ѓоргиев, Владо Милев, Александар Љафтов, Филип Савовски и Филип Маџунков, како и Стојче Арсов ќе се приклучат на 13 мај во Скопје.

Маркетинг
Ad 4
Ad 2