Connect with us

Свет

Арагчи: САД и Израел мора да одговараат за „40-дневната агресија“ против Иран

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи побара меѓународната заедница да ги повика на одговорност Соединетите Американски Држави и Израел поради, како што наведе, 40-дневната „агресивна војна“ против Иран, предупредувајќи дека актуелните тензии во Персискиот Залив и Ормуска Теснина се директна последица на тие дејства.

– Тековната небезбедност во Персискиот Залив и Ормуска Теснина е директна последица на американската и на израелската воена агресија против Иран – изјави Арагчи во телефонски разговор со швајцарскиот министер за надворешни работи, Игнацио Касис, пренесува иранската државна телевизија.

Шефот на иранската дипломатија нагласи дека меѓународната заедница „мора да ја земе предвид оваа реалност и да ги повика агресорите на одговорност за нивните флагрантни прекршувања на Повелбата на ОН и на меѓународното право“. Тој ја обвини спротивната страна и за повеќекратни прекршувања на прекинот на огнот што стапи во сила на 8 април, тврдејќи дека примирјето било нарушено во повеќе наврати.

Касис го повтори ставот на Швајцарија за потребата од дипломатско решавање на конфликтот и враќање на мирот во регионот. Двајцата министри разговарале и за билатералните односи и се согласиле да ги продолжат консултациите за прашања од заемен интерес.

Маркетинг
Ad 4
Ad 3