Connect with us

Култура

Митко Панов на уште една фестивалска дестинација од филмското патување на македонскиот КИЦ во Загреб

Нова дестинација на 2. патувачки Фестивал на македонскиот филм во присуство на режисерот Митко Панов, по отворањето во Загреб беше Карловац. Публиката во Кино „Едисон“, во присуство на режисерот Митко Панов, го проследила документарно-играниот филм „Железна тврдина“. Со ова најново филмско остварување на Панов, се отвора Фестивалот во 11 градови во Хрватска – соопшти македонскиот Културно-информативен центар во Загреб.

Обраќања пред публиката имале директорот на Кино „Едисон“, Иван Гојмерац, директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска и режисерот Митко Панов. Тие го истакнале значењето на фестивалот за претставувањето на македонската кинематографија пред хрватската публика, како и важноста македонскиот филм да стигне до филмските вљубеници во повеќе хрватски градови.

Режисерот Митко Панов со своето присуство им дал посебен белег на фестивалските вечери во Загреб и Карловац.

-Тој припаѓа на генерацијата македонски автори кои ја обликуваа модерната национална кинематографија и придонесуваат за нејзината меѓународна афирмација. Неговото творештво претставува мост меѓу македонската филмска традиција и европските и светските кинематографски текови, а неговите дела се важен дел од архивското и културното наследство што се чува и проучува. Тој е добитник на престижната „Златна палма“ за краток филм на Канскиот филмски фестивал во 1991 година, а неговите филмови се наградувани со бројни признанија на значајни меѓународни фестивали – наведуваат од КИЦ Загреб.

По проекцијата, модераторката Лана Дојчиновиќ Матовина, раководител на програми во Кино Едисон, поведе разговор со режисерот Митко Панов. На присутната публика ѝ било овозможено директно да разговара со авторот на филмот и да дознае повеќе за неговиот авторски пристап, за инспирацијата, за процесот на создавање на филмот, како и за темите што ги отвора „Железна тврдина“.

Фестивалот го организира македонскиот КИЦ во Загреб во партнерство со Кинотеката на Македонија и Хрватската мрежа на независни киноприказувачи, како дел од својата годишна програма поддржана од Министерството за култура и туризам, а се реализира во соработка со партнерски културни институции и организации во Хрватска.